Здружението „Тврдокорни“ преку соопштение побара оставка од претседателот и потпретседателот, бидејќи, како што стои во соопштението, и двајцата отворено искажувале партиска пристрасност и не ги почитувале одлуките на Советот.
„Со оглед на тоа што и претседателот и потпретседателот се членови на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што работејќи самостојно, сакаат да го злоупотребат здружението за сопствено докажување во партиските кругови, со оглед на многу кочници за организациско развивање на здружението, со оглед на директното непочитување на сегашниот највисок орган Советот, секретарот како соосновач на здружението повика, со цел да се зачува партиската неутралност, да се пристапи кон одземање на нивното привремено претседателство и за во иднина да се избере ротирачко претседателство. На овој предлог тие возвратија со негово исклучување. Што исто така е без одлука на Советот“, се вели во соопштението.
Претседателството, пак, вчера, во објава на нивната Фејсбук-страница го обвини секретарот на здружението, Горан Неделкоски, дека е продолжена рака на СДСМ и инфилтриран кодош.
„Лицето Горан Неделкоски – Сард, како поранешен член и секретар во МПЗ ТВРДОКОРНИ има толку лошо направено на здружението, дејствувајќи како инфилтриран КОДОШ и продолжена рака на СДС и неговата верна дружина. Доброто е во тоа што навреме го откривме него и уште двајца негови послушници кои впрочем, ја кочеа патриотската работа на МПЗ ТВРДОКОРНИ.
Исто така сакаме да ви соопштиме дека тие тројца на чело со Горан Сард, беа најголемите противници за одржување на маршот по мотото „АБОЛИЦИЈА ЗА УСТАВОБРАНИТЕЛИТЕ“.
Тој истиот формирал паралелно здружение на МПЗ ТВРДОКОРНИ, на кое му го дал името ТВРДОКОРНИ – ДЕСЕН СЕКТОР!
Јавно се оградуваме од групата ТВРДОКОРНИ ДЕСЕН СЕКТОР и од овие лица кои имаат партиска задача за растурање на МПЗ ТВРДОКОРНИ.
Сликата е сликана во Прилеп со активисти на СДС и министерот Димитров, а Горан Неделкоски-Сард е тој најлево на сликата!“, стои во Фејсбук објавата на Здружението.