Иницијативата „Спас за Валандово“ која повика на референдумско изјаснување „за’ или „против“ рудникот Казандол и други рудници, не се откажува од борбата. Тие тврдат дека градоначалникот кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, украинската амбасада и странскиот инвеститор, извршиле силен притисок врз граѓанките и граѓаните да не излезат на референдумот.
„Имаме индиции дека претседателот на ОИК соработуваше со нив. Тие беа цело време присутни во просториите на ОИК, додека на нашите набљудувачи тоа им беше оневозможено, беа намерно исклучени од работата и набљудувањето на работата на ОИК“, велат од Иницијативата, во еден од своите дописи до ЦИВИЛ, ден по референдумот.
Иницијаторите поднесоа приговори до ОИК Валандово во законскиот рок кој истече на 21 август, во 19 часот. Приговорите, меѓу другото, се однесуваат и на записниците од избирачките одбори на кои немало печат од ОИК. Исто така, како што информираат од „Спас за Валандово“, по завршувањето на гласањето на 20 август, во 19 часот, претставници на украинската амбасада и на инвеститорот „Сардич“, влегле во ОИК и му кажале на набљудувачот на Иницијативата да излезе од просториите. Легитимациите на набљудувачите биле без печат и не се заведени во деловодникот на ОИК.
Референдумот не го исполни законскиот цензус, бидејќи гласаа само нешто над 46% од регистрираните гласачи во општината.
Роберт Марков од „Спас за Валандово“ во своја изјава за ЦИВИЛ Медиа искажа критика и до македонската јавност, тврдејќи дека не ја дала неопходната поддршка. „Кога се работеше за ГТЦ сите очи беа вперени таму… Изгледа дека зградите се поважни од луѓето!“, рече тој.
ЦИВИЛ – Центар за слобода го набљудуваше спроведувањето на референдумот и денот на изјаснувањето и веќе ги презентираше своите наоди пред јавноста. Мониторинг тимовите на ЦИВИЛ нотираа низа нерегуларности во текот на спроведувањето на референдумот и на денот на граѓанското изјаснување за или против „рудниците на смртта“.
ЦИВИЛ ќе продолжи со мониторинг на постапките по приговорите на Иницијативата „Спас за Валандово“.