Здружението „Инклузива“ бара измени на законската регулатива за лицата со попреченост. Според „Инклузива“, процесот на деинституционализација, којшто во Македонија започна од 2000, бавно се одвива, наспроти потребите на граѓаните од социјален сервис во секое населено место. На потребата од итност на законските измени, „Инклузива“ посочи на денешната трибина “Предлог мерки за дополнителна социјална заштита за лица со попреченост и нивните семејства”, иницирана од министерката Мила Царовска.
„Бараме изедначување на правата на биолошки згрижувачки семејства. За лицата со умерена, тешка и најтешка интелектуална попреченост кои се врзани за количка, при остварување на правото на мобилност, да се тргне количката. Значи, секое лице со комбинирани пречки да се вметне во законот, со право на надоместок. Овие лица никаде не можат да излезат сами, ниту пак, некогаш ќе станат работоспособни, а имаат потреби од користење на третмани и лекарства, каде што парите не им стигнуваат. Семејството е исцрпено, зашто едниот од родителите, мора да не работи, а со една плата се доведува лицето во ризик, неговата здравствена и социјална положба“, посочи Благица Димитровска, од „Инклузива“.
Од Здружението бараат и отворање на социјални услуги во секое населено место.
„Знаеме дека процесот на деинституционализација во Македонија се спроведува од 2000 година, но поради недостиг на социјални услуги на локално ниво, не е спроведен… Ние ќе се залагаме со сето срце, да се подобри состојбата на оваа категорија граѓани, но тоа треба да го правиме заедно со институциите. Јасно ни е дека заедничкото седнување на маса и разговарање за проблемите, ќе придонесе за подобра иднина на оваа категорија граѓани“, изјави Димитровска.
Таа потсети на истражувањето спроведено минатата година, според кое подготовка на јавна политика за лицата со попреченост е приоритетот на којшто треба да се работи, посочувајќи при тоа на потребата од измени на Законот за социјална заштита и Законот за здравствена заштита.
Моника Талеска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Даниела Нисева