Општинската изборна комисија во 17.30 часот објави дека до 17 часот, на 24-те избирачки места во Општина Валандово, на референдумот гласале 3.502 граѓан(к)и, или излезноста е 34,55 проценти.
Покрај избирачките места во Валандово, до 16 часот мобилните тимиови на ЦИВИЛ – Центар за слобода ги посетија избирачките места во Јосифово и Пирава, како и во селата Калково, Марвинци, Балинци и Брајковци.
Од избирачките одбори главно беа дадени оценки дека референдумот се одвива без инциденти, со помали неправилности во Избирачкиот список во кој оделни граѓан(к)и не можеле да се пронајдат.
На сите избирачки места мобилниот тим на ЦИВИЛ забележа и разговараше со постојаните набљудувачи од иницијативата „Спас за Валандово“, и со, како што самите се нарекуваа, „меѓународните набљудувачи“, ангажирани од амбасадата на Украина, кои водеа сметка за интересите на странскиот инвеститор на рудникот Казандол.
Екипите на ЦИВИЛ и денеска го набљудуваат спроведувањето на референдумот во Валандово, како што и во изминатиот период ЦИВИЛ Медиа ја известуваше македонската јавност за (не)информирањето на јавноста во општината и за опструкциите на граѓанската иницијатива, а во полза на изградбата на рудникот Казандол.
ЦИВИЛ и денеска е отворен за пријавите од граѓанките и граѓаните, како и прилозите на граѓанските новинари за можните нерегуларности во спроведување на референдумот, на телефонскиот број: 071 608 523, или на веб-страницата Слободни избори, или преку порака на Фејсбук страницата Слободни избори.
[divide]
ЦИВИЛ ќе ги објавува информациите од теренот на медиумската платформа на ЦИВИЛ Медиа, во рамките на проектот Слободни медиуми за слободно општество, финансиран од Федералното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.