Првата недела од jули невладината организација „Охрид SOS“ и ЗУМД Такт ја одбележаа како „Еко недела“ во Охрид, преку активности и работилници за подигнување на еколошката свест кај младите.
Според „Охрид SOS“, во Македонија постои екстремно ниска еколошка свест која резултира со енормно количество на отпадоци што го нагрдуваат пејзажот, ја загадуваат природата во која живееме, водата која ја пиеме…. Организацијата се надева дека на надлежните органи и институции, особено во помалите градови и населени места кои со години наназад не можат да го решат проблемот за управување со цврст отпад и со отпадни води, тоа набрзо ќе им стане приоритет.
Еко неделата во Охрид опфати запознавање со вредностите на Охридскиот регион, како едно од 35-те светски подрачја со двоен статус на УНЕСКО – за светско природно и културно наследство, разговор и дискусија со активистите на граѓанската иницијатива „Охрид SOS“, дводневна еко патрола по крајбрежјето на Езерото и Националниот парк „Галичица“, како и еднонеделна работилница за краток филм, на тема „Природата ќе најде начин“ („Nature will find a Way“).
Во соопштението на „Охрид SOS“ се вели дека учесници на Неделата биле млади извидници од Белгија, 17-годишници, кои со голем ентузијазам сакале да научат за убавините на Охридското Езеро и да се приклучат кон активностите за негово зачувување.
„Со својот труд, ангажираност и финалните резултати од Филмската работилница, тие покажаа многу високо развиена свест и грижа за заштитата на животната средина. Се надеваме дека преку нивниот глас, ќе допреме пошироко до светот, алармирајќи за проблемите со кои се соочува Охридското Езеро, едно од најстарите езера на светот, значајно заради разновидниот ендемски свет и исклучителната биолошка разновидност„, се вели во соопштението.
Поделени во три групи, во текот на работната недела, учесниците изработиле кратки видеа за кои биле наградени во категориите: најдобра камера, најдобро сценарио и најдобра монтажа.
Проектот на „Охрид SOS“ и ЗУМД Такт е поддржан со ад-хок грант на „Цивика Мобилитас“.