Резултатите од парламентарните избори во Австрија кои се одржаа во неделата покажуваат дека по повеќе од шест децении на умерени и центристички влади, Австрија се врти кон десницата.
По завршувањето на изборите, Министерството за внатрешни работи на Австрија соопшти дека Народната партија на Себастијан Курц освоила 31,4 проценти од гласовите. Десничарската партија на слободата е на второ место, со 27,4 проценти. Централно-левичарската Социјал-демократска партија на Австрија, која сега владее во коалиција со Народната партија, доби 26,7 проценти од гласовите.
Денеска се очекува да започнат преговорите за коалицирање меѓу партиите. Според резултатите и анализите голема е веројатноста дека партнер на Курц ќе биде лидерот на екстремно десничарската Партија на слободата, Хајнц-Кристиан Штрахе.
Доколку се остварат овие прогнози тоа ќе значи големо свртување на Австрија.
Конечните резултати се очекуваат во четврток, бидејќи сѐуште трае броењето на гласовите на граѓаните кои гласаат по пошта, но од издадените 900 илјади т.н. избирачки карти, преброени се 400 илјади, така што трендот е познат и маргините на отстапување се оценуваат како мали.
На 31-годишна возраст, Курц треба да стане најмлад лидер во Европа.
Хајнц-Кристиан Штрахе, лидер на десничарската Партија на слободата, пред поддржувачите во седиштето на партијата го пофали постигнувањето на општите избори, велејќи дека неговата партија е „голем политички фактор на австрискиот политички пејзаж“.
Доминантна тема на кампањите на Народната партија и на Партијата на слободата беше имиграцијата и загриженоста кај австриските конзервативци кои на имиграцијата на муслиманите гледаат како на закана за австриската култура.
Како Народната партија, така и успехот на Партијата на слободата на овие избори, најмногу се поврзува со стравот кај Австријците од напливот на мигранти од почетокот на 2015 година. Лидерот Штрахе првично имаше „тврдокорна” реторика во однос на мигрантите, но во кампањата го ограничи противењето на влез на мигранти-муслимани, кои според неговите зборови, се закана за вредностите на Австрија.
Поразително за европските вредности во однос на човековите права е перцепцијата дека „ловот” на гласови се вршеше преку грбот на мигрантите-муслимани, кои во голем дел се бегалци од подрачја зафатени со војна, како Сирија и Авганистан.
Германската канцеларка Ангела Меркел вчера му честиташе на Курц и изјави дека не очекува проблеми во однос на различните ставови меѓу нив за прифаќањето на мигрантите.
Во 2015 и 2016, околу 130 илјади мигранти побарале азил во Австрија. Државата има 8,7 милиони жители.