Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, што претставува повеќе oд 7.800 членови, излезе со соопштение во кое остро ги осуди нападите и притисоците врз новинарите, што се случија во Славонски Брод (Хрватска), Скопје (Македонија) и Партеш (Косово).
Според членките на Платформата, во последните осум месеци се регистрирани 63 случаи на закани и физички напади врз новинарите, вклучувајќи ги и последните инциденти.
Во Хрватска на 23 август беа физички нападнати новинарките Вишња Ружојчиќ и Александра Приморац. Истиот ден во Скопје, новинарската екипа на Нова ТВ беше физички нападната од поддржувач на иницијативата „Будење“ која собираа потписи против наводното отворање на кампови за бегалци во Македонија.
„Ние сме охрабрени од брзата реакција на Министерството за внатрешни работи, кое веднаш го идентификуваше сторителот, го повика на сослушување и објави кривични пријави за насилство против него. Нападот беше осуден од Здружението на новинарите на Македонија, кое смета дека тоа е напад врз слободата на говорот и правата на граѓаните да бидат информирани“, стои во соопштението на Платформата.
На 23 август во Партеш, Косово, според неофицијални извори, полицијата уапсила двајца новинари од Естонија и Латвија, кои по двочасовниот притвор биле пуштени. Причините за притворот остануваат уште непознати за јавноста.
Во соопштението по повод овој случај, Платформата ги повика локалните институции во регионот на Гњилане, да ги имплементираат меѓународните стандарди за заштита на новинарите, за нивната безбедност и слободата на изразување.
„Регионалната платформа силно ги поддржува напорите на новинарите и медиумските организации во заштитата на новинарите и слободата на говор. Платформата ги повикува властите, полицијата и судството во сите земји од Западен Балкан, да обезбедат слободни и безбедни работни услови за новинарите и медиумите. Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани“, се вели во соопштението на Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.