Претседателот на најбројната групација во Европскиот парламент, Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, на брифинг со новинарите-дописници во Стразбур, потенцирал дека ЕПП е загрижена за состојбата во Македонија, Косово и во Босна и Херцеговина, како и на целиот Балкан.
„Ние сме особено загрижени за состојбата на Балканот. Неодамна бев во Хрватска и дискутирав со нивниот претседател и со спикерот на парламентот за состојбата во регионот. Алармантни се состојбите во Босна и Херцеговина, Македонија и на Косово. Работите таму се влошуваат и гледаме зголемени тензии. Загрижени сме за Балканот, бидејќи го сметаме за дел од Европа“, изјавил Вебер, според МИА.
Лидерот на европските демохристијани во Европарламентот, потенцирал дека „проширување на ЕУ нема да има следните години, а можеби и следната деценија“, а дека работите на Балканот се влошуваат и тензиите се зголемуваат, особено поради тоа што, сега ЕУ нема што да му понуди на балканскиот регион.
Вебер ги осудил случувањата во Полска и нејзината изолација од Европа, потенцирал дека загрижува развојот на настаните во Турција и нападите над земји-членки на ЕУ и над Унијата во целост, изразил поддршка на Холандија во холандско–турскиот дипломатски инцидент, но рекол и дека треба да се почитува договорот за спречување на мигрантскиот наплив.