Во приградската населба „Караорман“ во Штип, предизборно забрзано работат машините за да се асфалтираат и закрпат улиците. Уште само една недела остана од изборната кампања, а актуелниот и повторно кандидат на градоначалник, Илчо Захариев од ВМРО-ДПМНЕ, ја злоупотребува својата положба за нефер битка со неговиот противкандидат, Благој Бочварски од СДСМ.
„Неговиот противкандидат е во незавидна позиција, бидејќи Захариев има можност со општински средства да си води кампања. Можеби ова е дел од тендерска постапка и е регуларно според законот, меѓутоа, ова е злоупотреба, бидејќи се асфалтира за време на кампања“, вели граѓанскиот новинар, Горан Трајков.
Тој додава дека би било фер и коректно, ако градоначалникот Захариев ги асфалтираше улиците пред да започне кампањата, бидејќи овој потег е класичен поткуп на гласови.