Categories

КАТАЛОНИЈА Полициска бруталност против волјата на гласачите

Илјадници Каталонци синоќа излегоа на улиците да го прослават референдумот за независнот што се одржа вчера и покрај обидите на шпанската полиција да го спречи. Додека тие славеа, за шпанскиот премиер Маријано Рахој, немало референдум за самоопределување!

Референдумот во Каталонија и насилствата на шпанската полиција која се обидуваше да го спречи – се вест број еден во светот.

Сандра Живковиќ, која живее и студира во Барселона во изјава за ЦИВИЛ Медиа го опиша целиот референдумски ден.

„Со почетокот на референдумот, во гласачките места упадна националната полиција, каде беа одземени гласачките кутии и материјали. Во тој момент, полицијата демонстрираше физичка сила врз луѓето кои беа таму да гласаат, или едноставно, да ги заштитат избирачките места. Наводно овие училишта беа таргетирани затоа што важни каталонски политичари требаа да гласаат таму“, сведочи Живковиќ.

„Во поголемиот дел од градот, гласањето се одвиваше најнормално, со присуство само на каталонска полиција – Мососи (која во погорниве случаи одбива да се вмеша и стои на страна). Иако во медиумите се крена доста фама, во градот беше прилично сигурно за движење и учество во случувањата…

Кај повеќето избирачки места кои ги посетив, редиците за гласање броеа и по 200-300 луѓе, кои неуморно чекаа и по два часа за да гласаат, без разлика што надвор доста врнеше. Излегувајќи од гласачките места, се забележуваше колку гордо и среќно се чувствуваат оние кои го оствариле своето право на глас, па често ја повикуваа толпата да ракоплеска или да извикува со нив… Во попладневните часови владееше неизвесност кај локалното население – дали полицијата повторно ќе се појави. Како што минуваше времето, сè повеќе граѓани пристигнуваа на избирачките места, со цел да ги заштитат гласачките кутии од националната полиција…

Како што се приближуваше времето на затворање на изборните места, имав чувство дека нема човек кој не е на улица. Автомобили речиси и да не поминуваа. Стари, млади, фамилии со деца, инвалиди, луѓе со кучиња, сите ги бранеа влезовите на училиштата или центрите каде што се гласаше“, се вели во сведоштвото на Живковиќ.

Во меѓувреме, каталонската Влада, на седница ги договара следните чекори за прогласувањето независност од Шпанија, по референдумот што се одржа вчера. Каталонскиот лидер Карлес Пучдемон ќе побара мислење за барањето – каталонскиот Парламент, следната недела да гласа за декларација за независност.

„На овој ден на надеж и страдање, каталонските граѓани заработија право да имаат независна држава во форма на Република“, изјави Карлес Пучдемон, претседател на Каталонија.

Според првичните резултати, 90% од гласачите на вчерашниот рефрендум во Каталонија, гласале за независнот на овој регион од Шпанија, според официјалната објава на Барцелона, врз основа на основа на прелиминарните резултати од гласањето.

Портпаролот на регионалната Влада на Каталонија, Жорди Турул, изјави дека 90% од 2,26 милиони Каталонци кои гласаа во неделата, заокружиле „да“ на гласачкото ливче – за независност. Тој рече дека речиси осум отсто од гласачите ја отфрлиле независноста, а остатокот од гласачките ливчиња биле празни или неважечки. Тој додаде дека се пребројуваат уште 15.000 ливчиња.

Турул истакна дека вкупниот број на гласачки ливчиња не ги опфаќа оние кои ги конфискуваше шпанската полција за време на насилниот напад за да го спречи гласањето. Најмалку 844 граѓани и 33 полицајци се повредени во полициската бруталност. Каталонските власти истакнаа дека шпанската полиција затворила 319 од околу 23.000 гласачки места каде можеа да гласаат околу 5,3 милиони гласачи.

Во меѓувреме, шпанскиот премиер Маријано Рахој најави парламентарна седница, на која ќе се расправа за начините за спротивставување на кризата, каква земјата немала со децении. Тој оцени дека Каталонија не успеала да го одржи референдумот за независност.

„Во овој момент можам да ви кажам, со најсилни зборови, она што веќе го знаете и она што го видовме во текот на вчерашниот ден. Во Каталонија немаше референдум за самоопределување“, изјави Маријано Рахој,  премиер на Шпанија.

Европската комисија соопшти дека референдумот за независност во Каталонија не е легален.

Маја Ивановска/Ермин Климента

Print Friendly, PDF & Email