Политички кадар или бизнисмен за вицепремер за економски прашања во новата влада? Овa е дилемaта, којашто предизвика многу турбуленции во јавноста. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев за ЦИВИЛ Медиа изјави дека сè уште не е конечна одлуката. „Наредните денови ќе одлучуваме за прашањето дали вицепремиерот ќе биде од редот на бизнис заедницата“, дециден е Заев.
А, дел од експертската јавност на ваквите предлози реагираше со став дека доколку бизнисмен ја извршува таа функција, ќе има конфликт на интереси, зашто во рамки на една политичка влада која што спроведува партиски програми, не би имало многу простор за економски експерти и за нивни решенија што доаѓаат од бизнис-ресорот.
Според СДСМ, нема конфликт на интереси, битно е како ќе се изменаџира.
„Ако имате предвид какви се решенијата што ги имавме опфатено во програмата ‘За живот во Македонија’, но и во програмата на идната Влада, а коишто обезбедуваат квалитетни законски решенија за подобрување на статусот на вработените, не може да стане збор дека може да има каков било конфликт на интереси“, оцени Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
Доколку е така, тогаш добиваат легитимитет предлозите на трите стопански комори: Кочо Анѓушев од Стопанската комора на Македонија, Александар Зарков од Сојузот на стопански комори и Неби Хоџа од Стопанската комора на северозападна Македонија.
„Кога ќе има конечен избор, кој ќе биде идниот вицепремиер за економија, би можел во јавноста да ги презентирам моите видувања и програма за економски развој на државата. Сѐ што би кажал во моментов, би оставило впечаток, како да сме во кампања за избор“, изјави Анѓушев за ЦИВИЛ Медиа.
Неби Хоџа смета дека од особено значење за бизнис заедницата е оваа позиција во идната влада да биде од редот на стопанските комори, коишто подоцна ќе постигнат компромис околу конечниот избор на идниот вицепремиер за економија.
„Клучните работи што најпрвин би ги направил се – приоритетизирање на барањата на стопанството, како што се промени во некои закони и без нивни чести измени, поддршка на домашните компании рамноправно со странските и секако, вложување напор за враќање на ДДВ на фирмите во што пократок период. Што пократок рок на исплаќање, а не задолжувања меѓу фирми. Второ, зголемување на соработката на домашните со странските компании, т.е зголемување на билансот на обрт меѓу нив, преку поврзување во синџирот на набавка и трето, креирање на среднорочни и долгорочни развојни политики за Република Македонија“, изјави Хоџа.
Сојузот на стопански комори на Македонија, на својата веб страница соопштува дека на последната седница меѓу повеќето кандидати, како најдобар, со одлука го избра Александар Зарков. Тој во моментов е носител на функцијата извршен директор на ССК и ги исполнува сите истакнати критериуми за застапување на приватниот сектор како вицепремиер за економски прашања со повеќе годишно искуство во сите сектори.
„Новиот вицепремиер за економски прашања во Владата на Република Македонија, на предлог на стопанските комори, треба да делува во насока на креирање на стратегија за развој на приватниот сектор, зголемување на продуктивноста и на бројот на вработувањата во стопанството, како и подобрување на деловното опкружување и овозможување негов раст и развој“, посочуваат од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Моника Талеска