Учесниците во изборниот процес утре, недела (24 септември), точно напладне, во сите општини во Република Македонија и Градот Скопје, ќе го потпишат Кодексот за фер и демократски избори.
Со овој Кодекс учесниците на Локалните избори се обврзуваат и си ветуваат еден на друг, но и на сите граѓани на Република Македонија, дека ќе се придржуваат и активно ќе ги промовираат принципите на слободни и фер избори. Со потпишувањето на Кодексот, учесниците на изборите с јасно изразуваат волја да го почитуваат избирачкото право кое е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Во продолжение, интегрално ја објавуваме содржината на Кодексот, испратена од Државната изборна комисија:
„Избори кои се фер и демократски и ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење придонесуваат за демократски развој на општеството. Сите учесници во изборите со своите активности го поставуваат фундаментот на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем на Република Македонија.
Сознанието дека заедно учествуваме во процесот на одржување на високото ниво на демократија за нас, учесниците во изборите за градоначалници и членови на советите на општините и на Градот Скопје, закажани за 15 октомври 2017 година, е од непроценливо значење.
Токму затоа, се согласивме и го потпишуваме овој Кодекс за фер и демократски избори. Свечено се обврзуваме и си ветуваме еден на друг, но и на сите граѓани на Република Македонија, дека ќе се придржуваме и активно ќе го промовираме овој Кодекс.
Ние, учесниците во изборниот процес, се обврзуваме дека ќе ги почитуваме сите закони, правила и прописи на Република Македонија кои се релевантни за изборите и ќе го почитуваме владеењето на правото при организирањето и спроведувањето на изборите.
Ние, учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваме дека нема да вршиме никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.
Ние, учесниците во изборниот процес, исто така, недвосмислено се обврзуваме дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на било каква закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на било која политичка партија или кандидат“.
Ние, учесниците во изборниот процес, исто така, недвосмислено се обврзуваме дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на било каква закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на било која политичка партија или кандидат“.