Categories

СТАВ Колку малку (ни) треба…, за манипулација и спин!

Бесплатниот јавен превоз ги развесели граѓан(к)ите и за миг, заборавија на загадениот воздух што им го уништува здравјето. Утрово, додека чекав автобус за да одам на работа, другарите и комшиите ме прашуваа дали е точно дека бесплатно ќе се возиме. На мојот потврден одговор, со објаснувањето дека широкоградоста на градските власти е последица на енормното аерозагадување, и дека ќе трае додека ветерот не го прочисти воздухот, тие реагираа со насмевки: „Дај боже, цел месец вака да се возиме, бесплатно“. А, огромните концентрации на ПМ10 честичките, а стотиците мртви граѓан(к)и секоја година поради аерозагадувањето, а токсичната магла… Батали сé, важно е бесплатно…  

Пишува: Дехран Муратов

„Не бе, другар(к)и, пријатели, роднини и комшии, не се возиме бесплатно, туку скапо плаќаме, со нашето здравје! Можеби некој нема проблем со загадениот воздух, но јас имам! Постојно кашлам, бидејќи ептен ми пречи. А познавам и многу луѓе на кои им пречи…“, се обидувам да објаснам. Се лутам, викам. Џабе.

Еден другар најпрвин сериозно ме убедуваше утрово дека е добар потегот на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски да воведе бесплатен јавен превоз, бидејќи автомобилите биле главниот извор на загадување. А потоа, стана саркастичен.

„Чекам да ми стигне визата, ќе заминам во Германија кај жена ми, таму речиси секој има добар автомобил што не го загадува воздухот. Замисли, сите да имавме мерцедес од 600 илјади евра, како оној, на поранешниот премиер, Никола Груевски! Тој веројатно не испушта штетни материи од ауспухот, туку некој скап парфем“, ми вели другарот, еден од многуте кој набрзо ќе избега од задушливата и загадена Македонија.

Многу нешта се загадени во нашата Македонија. Наместо да се лоцира проблемот, каде навистина се изворите на енормното загадување на воздухот, и надлежните конечно, да изнајдат мерки како да се спречи понатамошното труење на граѓан(к)ите, од најзагадената општина во државата, скопски Карпош, каде што во саботата беа измерени рекордни (1.218 ПМ10 честички на метар кубен!), излегоа со соопштение дека загадувањето доаѓало од Косово.

„Според дојавите и снимки од жители на Карпош, во периодот кога имало најголемо загадување, од повисоките места во Карпош (кај манастирот Св. Пантелејмон) е забележан облак кој се движи долж течението на реката Лепенец кон Карпош“, соопштија од Општина Карпош. Официјално. И останаа живи…

Да не е трагично – би било смешно. Но, се засилува труењето. Со манипулации и спинови. Навистина, на граѓан(к)ите од Карпош (Скопје) проблемот со загадувањето не им е решен, со дефокусирање, дека демек, од Косово им „испраќаат облак“ што, нели, ги труе. По течението на Лепенец… Ни Лепенец не ги мие спинерите.

Надлежни институции не трујте нé дополнително! Доволно сме загадени. Како воздухот. Решете го проблемот со аерозагадувањето, и сменете ги ПР-службите… Евтините приказни, проѕирните ПР-трикови, демек, Коце „Таткото на Градот“ се возел со јавен превоз, додека го снимаат камери, не поминуваат кај граѓаните, кај „народот“, како милувате да ги нарекувате. Не се дотолку затруени..

(Паметат луѓето, добро паметат, како се правеа ТВ-извештаи, за тоа како лидерот на ВМРО–ДПМНЕ, Никола Груевски, кога стана тазе премиер, оди пешки на работа, или и подоцна, како вози велосипед во паркот… За неколку години потоа, јавноста да разбере од „бомбите“ дека „скромниот“ премиер се подновил со мерцедес од 600.000 евра. Нивни евра… Не се дотолку затруени!)

Обврската на Коце Трајановски и останатите надлежни во градовните со енормно аерозагадување е да им овозможат на граѓан(к)ите да дишат. Почист воздух! А, како потоа ќе одат на работа, тоа е второстепено прашање, за кое ќе муабетиме, кога ќе му дојде време.

Print Friendly, PDF & Email