Categories

ВАНГЕЛОВСКИ Кривична пријава за попречување против претседателот на Врховниот суд!

На Комисијата на Советот за утврдување факти која истражува дали судии од Кривичниот, Апелацискиот и од Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори, ја прекршиле постапката и им овозможиле на Горан Грујевски и на Никола Бошковски да избегаат од државата, денеска не ѝ било дозволено да влезе во Врховниот суд и да изврши увид во списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“!

Како што соопштија од Советот за утврдување на факти, минатата недела го информирале Врховниот суд дека денеска ќе вршат увид во документите, но кога пристигнале во судот, судската полиција не ги пуштила да влезат внатре!

Според Советот, припадниците на судската полиција им кажале на членовите на комисијата дека не ги пуштаат внатре, зашто таква наредба добиле од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

„На барање на членовите на Комисијата, да им се објасни кој не го дозволува нивниот пристап во судот и извршување на потребното службено дејство – увид во списите на предметите, судската полиција усно објасни дека претседателот на Врховниот суд им наредил да не ја пуштаат Комисијата во судот. Потоа, претседателот на Врховниот суд по телефон го повика претседателот на Комисијата и му предочи дека претходно упатил писмо до Советот за факти, во кое го известил дека не дозволува да се врши увид во бараните списи, сè додека на судот не му биде доставена основа поради која Комисијата го бара увидот, а потоа, тој ќе оценел дали ќе дозволи увид, ќе определел термин и простор каде да биде извршено таквото дејство, со закана дека со ваквиот начин на комуницирање, ќе поднесуваме последици“, стои во соопштението од Советот за утврдување на факти.

Оттаму велат дека ваквото однесување Вангеловски претставува спречување на членовите на Комисијата во вршењето на нивните овластувања, согласно членот 42 од Законот за Советот за утврдување на факти, поради што, како што велат од Советот, ќе поведат кривична постапка против Вангеловски пред надлежен јавен обвинител.

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, за агенцијата „Макфакс“ ги отфрли обвинувањата од Советот за утврдување факти изнесени во медиумите, дека иако Судот бил известен, не им дозволил влез. Тој посочил дека Советот бил писмено известен дека додека членовите на ова тело биле на влезот, во судот се одржувала седница против одлука за доживотен затвор и дека тоа било причината поради која не им дозволил влез на членовите на ова тело.

„Откако писмено ќе го образложи барањето за пристап, судот ќе определи време и простор. Во време на одржување јавна седница, по повод жалба за пресуда против доживотен затвор, ниту безбедносно, ниту технички е можно извршување на активности на Советот. Советот навремено писмно беше известен. На претставниците на Советот ќе им биде определен термин за прием во судот во согласност со прописите“, изјави Вангеловски.

Print Friendly, PDF & Email