Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава и поведе дисциплинска постапка против полицаецот кој застрела и рани двајца малолетници во Струмица, објави новинската агенција МЕТА.
Како што соопштија денеска од МВР, одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по извршените проверки утврдил дека „полицаецот неосновано, неоправдано и неправило употребил огнено оружје врз лицата Д.Т. и А.Г., односно постапил спротивно на одредбите од Законот за полиција“.
„Против полицискиот службеник е поведена дисциплинска постапка пред надлежната комисија во МВР и со решение на министерот Оливер Спасовски полицискиот службеник ќе биде отстранет од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка. До надлежниот јавен обвинител во Струмица е поднесена и кривична пријава поради основано сомнение дека полицискиот службеник сторил кривично дело убиство во обид, предвидено и казниво по член 123 и член 19 од Кривичниот закон на Република Македонија“, стои во соопштението на МВР.
Оттаму додаваат дека ги осудуваат обидите за манипулација со овој настан од страна на одредени политички субјекти.
извор: МЕТА
фотографија: ЦИВИЛ
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.