Здружението „Зелена лупа” поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и иницијативи за одговорност на десетемина судиите што одлучувале за притворите на Горан Грујовски и Никола Бошковски.
Здружението „Зелена лупа“ смета дека ова е прв пример во кој обвинети лица за време на постапка за утврдување мерка притвор се на слобода, но и прв случај во кој им е дозволено право на жалба и одлагање на мерката до правосилност.
Од здружението „Зелена лупа“ изјавија дека кривичните пријави и иницијативите за поведување одговорност се во врска со прекршување на постапката во која се носени одлуките и недозволеното право на жалба. Станува збор за судиите Ленка Давитковска, Татјана Михајлова, Дијана Груевска, Лилјана Шопова, Сафет Кадриу, Цветанка Периќ, Јово Вангелов, Фаик Арслани, Ристо Катавеновски и Џемаил Саити.
Министерството за внатрешни работи денеска потврди дека поранешниот началник на Петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујевски и вработениот воУБК, Никола Бошковски, кои се во бегство, нема да добијат платата за август. Министерот Оливер Спасовски појасни дека нивниот работен однос е ставен во мирување, откако им беше определен притвор.
Грујевски и Бошковски се во бегство од 26 јули, кога Врховниот суд ја потврди одлуката на Апелација за определување 30-дневен притвор за двајцата обвинети во предметите „Таргет“ и „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство. По нив е распишана и меѓународна потерница преку Интерпол, откако полицијата не успеа да ги најде на неколку локации во Скопје, Велес и Охрид. И двајцата се без пасоши, бидејќи првично, Основниот суд донесе одлука само да им ги одземе пасошите, наместо да им одреди притвор.
Министерот Спасовски вчера истакна дека полицијата ги вложува сите напори за да ги пронајде двајцата бегалци, но дека поради тајноста на истрагата, не може да соопшти повеќе информации во јавноста.