Ако сакаме да добиеме функционални и транспарентни локални власти, кои ќе бидат контролирани од граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ треба да биде поразена и на локалните избори кон крајот на годинава. Впрочем, подеднакво значајна битка, како онаа на 11 декември 2016, меѓу партиите ќе се води и во октомври.
Изненадување и потрес за крушевското ВМРО-ДПМНЕ претставуваа изборните резултати од 11 декември минатата година во општина Крушево. СДСМ во оваа мала општина успеа да ја надмине разликата од околу 800 гласови во корист на ВМРО-ДПМНЕ од изборите во 2014 година и да премине во водство. Тој резултат, дополнително ги разоружа амбициите на крушевските вмровци. Згора на тоа, придонесе и за дополнителна поделеност во партијата.
Деновиве, градоначалникот на Општина Крушево Ѓорѓи Дамчески, по летаргични три и пол години на функцијата, се растрчал токму сега, предизборно, да спроведува проекти. Проекти кои во пракса се задоцнети и не ги таргетираат вистинските проблеми на Општината и се крајно нетранспарентни. Покрај ваквата очајна, предизборна кампања на промашениот кадар, најлошиот политичар од фамилијата Дамчески, членството на ВМРО-ДПМНЕ се залажува дека Владата на Заев нема да трае; дека само што ќе поминело летото, ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратела на власт; дека странците го донеле СДСМ на власт, но кога ќе видат со кого си фатиле работа, ќе ги „испуштеле од рака„.
На лагите и смешните манипулации им нема крај…
Сепак, додека оние од „горе„ ја форсираат тезата дека Владата на Заев е нестабилна, локалните шерифи во градот, односно оние кои се во раководството на ВМРО-ДПМНЕ бараат начини да се „обезбедат„ со работа, за времето во опозицијата што претстои.
Во таа потрага по себереализација и фаќањето на последниот воз, не учествува обичното членство, кое изминативе години, од партијата добило само празни зборови и лажен патриотизам. Така што, ривалството, како што одминува времето, се проширува и продлабочува, додека оние на раководните позиции си бараат закрила на сметка на обичното членство.
Токму заради овие настани, потребно е уште едно екипирање и обединување за соборување на поранешниот режим, кој сè уште опстојува на локално ниво. Неопходно е на локалните избори да се зададе последниот удар.
Но, зошто крушевчани би сакале повторно да излезат на гласачките места и како на 11 декември, со заокружување на гласачкото ливче да го победат ВМРО-ДПМНЕ и на локално ниво?
Крушевчани поминаа болни 8 години од владеењето на братучедите Василчо и Ѓорѓи Дамчески. Период во кој и двајцата работеа на проекти кои беа видливи за граѓаните, но во ниту еден случај не ги насочија ресурсите кон решавање на најгорливите проблеми. Ниту еден од двајцата градоначалници на ВМРО ДПМНЕ не направи нешто за да ги задржи младите во градот! Вработуваше исклучиво по партиски клуч во државни институции, а омразата кон Албанците паралелно се зголемуваше.
Ниту еден од братучедите Дамчески не се позанимаваа со фактите дека од Крушево до 2011 година се иселиле 3.500 луѓе (Државен завод за статистика) и дека во градот има 1.000 невработени лица, што е повеќе од половина од постојните жители на општината (Агенција за вработување).
Денес, Крушево е празно и тивко како никогаш досега. Градот по теркот на Дамчески стана летаргичен и безживотен и катадневно се празни.
Тоа е болката на крушевчани – секој ден младите се иселуваат, а оние што останале, живеат во самотија. Оваа болка е причината зошто крушевчани уште еднаш треба да излезат зад параваните и да заокружат против ВМРО ДПМНЕ, против партијата која си го приватизира градот, а локалните шерифи, практикувајќи насилство, го држеа граѓанството во страв.