„Последните случувања во двата суда, Кривичниот и Апелациониот за случаите поврзани со ‘Труст’ и ‘Тврдина’, уште еднаш, по којзнае кој пат по ред, ги покажуваат двојните аршини што судиите ги имаат кон поданиците на режимот предводен од Никола Груевски и кон нас, останатите, кои не го подржуваме таквиот начин на владеење“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, новинарот Томислав Кежаровски, една од жртвите на селективната правда на македонското судство по повод првите одлуки за притвор на барање на СЈО.
„Играриите околу притворот на Тони Јакимовски, Горан Грујовски и Јово Бошковски уште повеќе ги потикнуваат моите заложби за темелна реформа на судовите, на сите до еден, од прв до последен, (од најгоре, до најдоле). Без било какви пакосни намери, сакам да им порачам на судиите – приврзоци на Фамилијата, дека трпението на народот е производ со рок на траење, и да не се експериментира повеќе, посебно не – со човечките души! Не може да има мир ако нема владеење на правото! Блефирањето во секоја игра е дозволено, но тоа е премногу рискантно и не се знае кога ќе бидеш разоткриен“, изјави Кежаровски за ЦИВИЛ Медиа.