По утринската посета на премиерот Зоран Заев на КПД „Идризово“, новинарот Томислав Кежаровски, од Германија испрати преку социјалните мрежи обраќање до него, со сугестија задолжително да го посети и затворот „Скопје“ во Шутка, особено ходикот „Ц“, каде „крши“ духот на осудениците . „Молев, верувајте ми, по изрекувањето на пресудата, да ме префрлат во ‘Идризово’, затоа што таму е подобро!“, му пишува Кежаровски на Заев
„Ги поздравувам Вашите настојувања да се подобрат условите во затворот во ‘Идризово’ и уште повеќе најавата за Закон за амнестија… Но, Ви сугерирам, час поскоро да ги видите и ќелиите во притворот во ‘Шутка’. Да Ви ги отворат вратите од Ц-14, Ц-19, Ц-28… Оти таму, Ве уверувам, е полошо од каде и да е…
А, токму таму, прво во Ц-14, па потоа, и во Ц-19, минав месеци затворен со уште тројца други. Бев со луѓе…
Немав привилегија да бидам во тие попространите ќелии, во новиот дел. Во ‘Ц’ беа сите кои требаше да бидат ‘скршени’…
Некои попуштија пред притисоците и се ‘спогодуваа’ со државата или кодошеа, некои опстанаа доследни на ‘Законот на молчењето’. Се гордеам, не затоа што бев во затвор, туку затоа што им припаѓам на овие вторите.
Молев, верувајте ми, по изрекувањето на пресудата да ме префрлат во ‘Идризово’, затоа што таму е подобро. Има сведоци за тоа. Докторот, психијатарот, чинам дека уште е таму, прашајте го. Седев пред него, и со допрени дланки, како Господ го премолував да ми даде ‘препорака’ за во Идризово. За возврат, му велев, дека пред него ке ги скинам сите докази што ги имам и што ја потврдуваат мојата невиност…
Песна се слушаше од ќелиите само во два случаја, или ако ти почнува судењето (оти, така ќе те носат оттаму до судница и назад, и ќе можеш да видиш малку од Светот), или ако ти стаса решение дека те носат на издржување на казната во ‘Идризово’.
Ете толку, господине Заев, се лоши условите во притворот во Шутка, во озлогласениот ‘Ц’ ходник“…