По првите 60 денови на новата Влада, најавените и неопходни реформи во сферите на правосудството, на изборната регулатива – со цел кредибилни избори, на медиумите и на слободата на говорот, како и политиките за поголема социјална сигурност на граѓаните – се во тек. Динамиката на реализацијата на реформите и бенефитите што ќе ги почувствуваат граѓаните во првите три месеци, во голема мера ќе го детерминираат исходот на локалните изборите, најавени во октомври.
Новото Собрание работи со полна пареа, но никако да се изгласа разрешување на Јавниот обвинител, Марко Зврлевски и да се распише изборот на неговиот наследник.
Македонија и по два месеца, откако е формирана новата Влада, сè уште не е до стартната линија на најавените реформи во правосудството, коишто се дел од Планот 3-6-9. А, реформите се неминовни. Владата ги прифати и треба да ги спроведе забелешките и препораките на Европската комисија и на Советот на Европа, поконкретно на Венецијанската комисија и на ГРЕКО, како и од сите други релевантни документи со коишто се предвидува изградба на независен, непристрасен, професионален и ефикасен судски систем.
Во тој контекст, поддршката за СЈО – стои. Ама, неопходните законски регулативи за работа на ова обвинителство, не се донесени. А, граѓаните очекуваат целосно расветлување на аферата „Прислушување“, веќе 2,5 години, од 9 фебруари 2015, кога премиерот Зоран Заев, како лидер на тогаш опозиционата СДСМ, ги разобличи криминалите на кликата на експремиерот Никола Груевски.
Целиот овој период, низ лавиринтите на судството се влечат предметите на СЈО. Чекор напред – два назад. Сепак, конечно, Апелацискиот суд, ги изрече првите притвори на барање на СЈО. Но, обвинитетите се во бегство од 26 јули. МВР распиша потерница по Горан Грујевски, екс-началникот на Петтата управа и по Никола Бошковски, вработен во УБК. Двајцата се обвинети за „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на службена положба и овластување“, а Грујевски се товари и за „Фалсификување службена исправа“.
Во бегство беше и бизнисменот Сеад Кочан, сопственик на ТВ Нова. Откако беше прифатена жалбата, тој одеднаш се појави во јавност. Но, што со другите обвинети, што со другите предмети, уште колку време треба да се чека да се изречат првите пресуди за актерите во аферата „Прислушување“? Без реформирано правосудство тоа не е можно. Алиби не треба да има! Зашто, врвни правни експерти се членови на Советот за реформи во правосудството, што е конституиран деновиве во Министерството за правда.
Работите се придвижуваат и во Министерството за внатрешни работи. Нови кадровски решенија. А, обидот на неколкумина полицајци да стават дамка врз македонската демократија, со ставање лисици на млади активисти на „Левица“ што носеа транспаранет „Против војните за профит“, и на граѓански новинар на ЦИВИЛ, беше пресечен во корен. Заповедничкиот тон на полицаецот на видео клипот што ги преплави социјалните мрежи, ја засени заложбата на новата Влада за враќање на демократските процеси во општеството.
Но, со наредба на министерот Оливер Спасовски, Одделот за внатрешна контрола го истражи случајот, а четворица полицајци за пречекорување на своите овластувања ќе бидат санкционирани. Ова дава надеж дека почнавме да чекориме во демократска држава. Новата Влада, впрочем, им го вети тоа на граѓан(к)ите.
Прочистен Избирачки список и консолидирана ДИК до локалните избори во октомври – треба да биде императив на новата Влада, за да не останат само флоскули од заложбите за кредибилен, фер и демократски, регуларен изборен процес! Но, можно ли е тоа, со овој состав на ДИК?
ДИК донесе и нов Деловник, којшто сам по себе, и според експертите не е гаранција за кредибилни избори. Остануваат многу обврски на ДИК и на надлежните институции. Тоа значи напорна и посветена работа на сите институции. Во спротивно, локалните избори ќе се одржат по патернот на ВМРО-ДПМНЕ! Заклучокот е повеќе од јасен, ако се имаат во вид аномалиите што ги крие Избирачкиот список!
Слобода на говорот и на јавното мислење низ призмата на објективна, точна и навремена информација е задача на новата Влада. Но, во овие два месеца, видливи реформи на овој план – нема!
Јавниот радиодифузен сервис МРТВ, дури не вршеше пренос ни од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, настан кој предизвика огромен интерес не само во македонската и бугарската, туку и во пошироката јавност.
Реформи во медиумите, најавија министрите Дамјан Манчевски и Роберт Поповски, на дебатата со сите релевантни фактори во медиумската сфера. Но,тие треба да се случат што побрзо, за да се спречи деценискиот информативен мрак во многу населени места, каде што стигнува само сигнал на МРТВ и на медиумите што беа блиски до претходната власт.
Во овие два месеца, во Министерството за економија се кроеше ребалансот на Буџетот, до крајот на годинава. Скратени се многу фондови, што ќе рече, претходната Влада планирала, најавувала, ама – нереални инвестиции. Но, и при таков буџет од октомври, 3.000 стечајци ќе добиваат по 7.596 денари. Владата го усвои и Предлогот за измени на Законот за минималната плата од 12.000 денари, а одобри и нови 10 милиони евра за директна помош за земјоделците
Во надворешната политика, колку и да се наоѓаат маани, факт е дека, оваа Влада вложува максимални напори да создаде клима на пријателски, добрососедски, билатерални односи и политичко-економска и кулурна соработка, што ќе биде сигурна виза на патот кон ЕУ и НАТО.
Два месеца изминаа, брзо ќе помине и третиот, ќе дојде време за отчет. Граѓаните очекуваат големи придвижувања, остварување на ветувањата,чекор по чекор, онака – како што стои во Програмата.
Тие сто дена работа на новата Влада, всушност, ќе бидат и нејзин тест пред граѓаните, гласачите на локалните избори најавени во октомври.
Моника Талеска