По евалуација на 241 одржани изборни процеси во 158 земји, во периодот од 2012 до 2016 година, изборите одржани во Македонија во овој период, ја позиционираат државата на 110 место! Според Индексот кој го оценува интегритетот на изборите спроведени во Македонија, на скала од многу висок изборен интегритет (70+) до многу низок (под 40), Македонија (48) е оценета како држава – со низок интегритет.
Анализата „Проект – Изборен интегритет“ ја спроведува Одделот за влада и меѓународни односи на Универзитетот од Сиднеј, Австралија и е објавена во мај 2017 година.
Оценките се донесени врз база на различни аспекти, поврзани со изборниот процес: Изборен законик, изборни процедури, изборни единици, Избирачки список, партиски регистар, медиумско покривање, финансирање на кампања, гласачки процедури, броење на гласови, резултати и Изборна комисија… Изборниот процес во Македонија најлошо е оценет во делот на Избирачкиот список, на медиумското покривање и на финансирањето на изборната кампања.
На листата од 158 земји, највисоко рангирани – држави со многу висок изборен интегритет, се: Данска, Финска, Норвешка, Исланд, Шведска, Костарика, Германија, Естонија, Холандија и Швајцарија. Најниско рангирани се: Етиопија, Бурунди, Сирија, Екваторијална Гвинеја, Република Конго, Џибути, Чад, Хаити, Авганистан и Камбоџа.
Во регионот, најлошо рангирана е Македонија!
Повисок индекс на изборен интегритет имаат Србија, Албанија, Црна Гора, Бугарија и Грција, а најдобро рангирана од земјите во Западен Балкан е – Словенија.
Анализата во делот „Дали популизмот претставува закана за изборниот интегритет“ се осврнува и на изборите спроведени во 2016/17 и на оние што ќе се спроведат годинава во САДржави, Германија, Велика Британија, Франција и Холандија.
Подготви: Марија Теговска