Categories

СТАВ Македонија – Вечна земја на евтин национализам и пластичен експлозив

Февруари 2017, Македонија сцена прва: два милиона народ (или тоа што остана од нив) заробени во рацете на партија пред распаѓање, Миленко и Владо во првите борбени редови. Вака, отприлика, би изгледало новото продолжение од серијалот „Македонија вечна“.

Пишува: Маја Ивановска

Не бе, братучеди, не гласаа 350.000 наши сонародници за потчинетост и крв. Не се тоа луѓе кои не ја сакаат историјата, нацијата, јазикот и територијата. Тоа се луѓе кои не се палат повеќе на вашите провокации и инсинуации. Тоа се луѓе со срце, душа и мадиња да застанат во одбрана на човековото достоинство и да се спротистават на евтиниот национализам со кој ве дојат со години. Тоа се луѓе чии мозоци не се испиени од оние кои ги заболе за Македонија, ги заболе и за едните и за другите, ги заболе и за знаме и јазик и институции.

Тоа не се луѓе кои својата агенда ја правдаат со „криминалите на ВМРО“ или со „режимот на Груевски“, тоа се луѓе кои десет години се газени, понижени, осиромашени и гладни. Тоа се луѓе кои имаат понекоја Тамара, имаат некој Мартин, имаат некој Кежаровски, имаат долгови, празни фрижидери, поплавени куќи и деца без детство… Го имаат Смилковско и Диво насеље, ја имаат 2001-та зад себе, заборавени и оставени да се дават во сопствените црнила.

И знаете што? Ќе не турнете во војна, навистина! Ако продолжите да ја разгорувате омразата и да го ширите лудилото… Само што не верувам дека ќе бидете во првите редови, туку таму ќе ги построите сите оние кои слепо ви веруваат, оние кои ги труете со лагите за странски служби, надворешни и внатрешни непријатели, предавници и платеници. Ќе гинат невини луѓе во име на криминалци и болесници, кои би се договориле и со ѓаволот, кои не ги интересира ништо друго, освен да се спасат себе си.

Пред да го сторите тоа ќе ве потсетам на муабетот на Шербеџија и еден друг Јовановски, во легендарниот „Пред дождот“:

– Ама, нема зошто тука да се тепаат, докторе!

–  Ќе најдат зошто, војната е вирус!

Па, пукајте братучеди, ако навистина верувате дека штитите нешто повеќе од група криминалци желни едниствено за пари и моќ. Повлечете го чкрапалото! Но, претходно, осигурајте се дека сте ја тргнале цевката од сопствената глава!

 

Print Friendly, PDF & Email