Иако ДУИ објави дека ги прифаќа предлозите на СДСМ за употребата на албанскиот јазик и најави започнување на преговори за усогласување на програмите, и понатаму продолжува неизвесноста околу составувањето на новата влада.
Додека лидерот на СДСМ на прес-конференција во Сараево, изјави дека ги собрал потребните потписи и дека очекува новата влада да се формира на почетокот на март, Али Ахмети, лидерот на ДУИ, најави дека се разгледува и можноста тие да останат во опозиција.
Потпаролот на ДУИ, Бујар Османи ја потврди оваа информација. „Пред членовите на Претседателството се ставени две опции. Едната е да се учествува во новата влада, а другата е да ѝ се даде поддршка, но да не се учествува, односно, да се поддржи малцинска влада. Предноста што членовите на Претседателството ја гледаат во поддржувањето малцинска влада е да се овозможи да се испита досегашното работење на ДУИ, без да може ДУИ да влијае врз тоа. Сепак, разговорите продолжуваат и сè уште не е донесена одлука“, изјави Османи.
Во сите години од независноста за Македонија, ова би била првата малцинска влада, составена од партија која нема мнозинство во парламентот. Во конкретниот случај, тоа значи дека СДСМ ќе учествува во владата, а останатите партии, ДУИ, Беса и „Алијансата за Албанците“ би дале поддршка за нејзино изгласување, но не би биле дел од истата.
Од СДСМ нема коментари, околу изјавата на Ахмети. Партијата смета дека нема потреба да коментираат внатрепартиски преговори во ДУИ.
По информацијата од ДУИ дека ќе ги даде 10-те потписи на Заев, СДСМ одржа седница на Централниот одбор на партијата и едногласно го изгласа Зоран Заев за мандатар.
„Нашите цврсти определби се тоа да биде реформска влада во која приоритет број еден се интересите на граѓаните на Македонија! Рековме дека секој граѓанин е во центарот на нашето внимание. Се определивме за квалитетен живот на сите граѓани, во едно, праведно и правично општество за сите и сè што правевме досега во оваа фаза на обезбедување на парламентарното мнозинство, беше водејќи се исклучиво од тој интерес на граѓаните“, рече Заев.
Конечната одлука за тоа дали ДУИ ќе биде дел од новата влада или, ќе премине во опозиција, ќе се донесе во понеделник.
Ваквите случувања, носат несигурност во процесот за формирање влада, имајќи предвид дека во моментов сè е оставено во рацете на претседателот Ѓорге Иванов. Дел од медиумите ја пренесоа веста за наводната средба на Никола Груевски со претседателот во кабинетот на Иванов. Јавноста ваквата вест ја толкува како уште еден обид за договор и партиска наредба за идните чекори на претседателот.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи и во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ – врие!
Партијата на Груевски излезе со соопштение во кое се вели дека ВМРО-ДПМНЕ остро ќе се спротистави на донесувањето на „ваков катастрофален закон“, реферирајќи на постигнатиот договор меѓу СДСМ и ДУИ за употребата на албанскиот јазик, како и дека ќе преземат соодветни мерки за да ја заштитат волјата на мнозинството.
„Одговорноста за ваквата ситуација е целосно на товар на СДСМ кој не ја доби поддршката од граѓаните на предвремените парламентарни избори и се обидува на срамен начин, преку тргување со државните и национални интереси да обезбеди поддршка за формирање влада“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во јавноста излегоа на виделина и повици до членството на партијата, за мобилизација за, како што се вели во повикот, одбрана на татковината.
„Во текот на утрешниот ден треба да одржите итна седница на Општинскиот комитет во проширен состав, со сите претседатели на месни комитети. Уште од вечер известете ги сите членови. задолжително да бидат присутни на состаноко,т што значи вечерва и утре од сабајле преку итни кол-центри да ги информирате. Насоки по однос на темата на состанокот ќе доставиме во текот на утрешниот ден. Тргаме во офанзива, нападната ни е Татковината, Македонија треба да се брани. Следува бурен период, пролет со многу енергија и борба за ВМРО и Македонија. Ќе победиме! Да живее ВМРО, да живее Македонија!“, стои во повикот од партијата.
Додека ВМРО се мобилизира, во Драчево, Прилеп и Битола, деновиве се искршени штабовите на СДСМ. А високи функционери на партијата упатуваат повици на социјалните мрежи до граѓаните.
„Кога ВМРО ќе повика на собир, тоа нема да бидат 500 лајка на Фејсбук, туку 50.000 народ пред Собранието. Почитувани 455.000 гласачи за унитарна Македонија, браќа и сестри, драги сограѓани, бидете здрави, живи, достоинствени и спремни“, порача Антонио Милошоски на својот Фејсбук профил.
Во петокот, во Скопје се одржа и марш на здружението „Тврдокорни“, протестирајќи против, како што велат, сите политички субјекти во земјата кои сакаат да ја разнебитат нејзината сувереност.