„Отсекогаш сум сметал дека не треба да се измислуваат проблеми таму каде што нема, таков проблем во Бугарија нема. Тука сум во улога на министер за одбрана. Ако сакате да водиме историски разговори ќе зборувам во улога на историчар. Вакви теми не се во корист за добрите односи меѓу двете земји“, изјави според агенцијата МЕТА, бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има промена во неговите ставови во врска македонското малцинство во Бугарија по потпишувањето на Договорот за добрососедство.
Според Каракачанов, кој во своите јавни настапи перманентно го негира постоењето на макеоднско малцинство во Бугарија, таа темата е „многу долга и дека за секого што се интересира за историјата на македонското прашање може да даде ‘специјални лекции’ како историчар“, но дека денеска е дојден во Македонија како министер за одбрана.
„Сакам изрично да нагласам за да ги прекинам политичките шпекулации – ги поддржуваме државното единство и територијалниот интегритет на Република Македонија. Немаме проблем со името на Репубика Македонија, ја признаваме земјата под уставно име. Подготвени сме да помогнеме во решавање на спорот со други земји, за конечно да се отворат вратите на Македонија за полноправно членство во НАТО“, изјави Каракачанов, по средбата со неговата македонска колешка и домаќин, минисерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Шекеринска и Каракачанов се согласија дека денешната средба, меѓу другото, е одржана за да се покаже дека договорот што го потпишаа двете земји нема да остане само на зборови. „Тој договор и она што се случуваше по потпишувањето, покажува дека двете држави се свесни дека само преку добрососедството, нашиот регион може да оди напред и да ја гарантираме нашата заедничка безбедност“, рече Шекеринска.
Каракачанов потенцираше дека за време на бугарското претседателствување со Европската унија, приоритет ќе биде интеграцијата на Западниот Балкан во Унијата. Според него, официјална позиција на Бугарија е поддршка на Македонија за членство во НАТО, а по потпишувањето на договорот од 1 август, „работите почнаа да се движат во позитивна насока“.
На средбата двајцата министри се договориле за зголемување на соработката меѓу специјалните сили, проширување на соработката во делот на образованието во одбраната и за соработка меѓу воздухопловните сили. Шекеринска истакна и дека Македонија и Бугарија ќе имаат заедничка воена вежба, планирана во 2018 година, која јасно ќе покаже дека двете земји се решителни да градат добри соседски односи и да ја градат заедничката безбедност во регионот.
[divide]
Извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.