Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), партија на Македонците во Албанија, најостро го осуди притворањето на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, којшто е обвинет за „изборни нерегуларности за локалните избори во Република Македонија во 2013 година“.
Од МАЕИ велат дека градоначалникот Темелко ги извршувал секојдневно своите обврски во Општината, дека поседува албанско државјанство и пасош и дека никогаш не се криел, ниту бил во бегство.
Според МАЕИ, Специјалното јавно обвинителство и Основниот суд Скопје 1, знаеле дека Темелко е албански државјанин и никогаш не му била изречена мерка на претпазливост, со која што му се забранува да ја напушта територијата на Република Македонија.
„Приведувањето на Едмонд Темелко претставува навреда за сите Македонци во Република Албанија и е дел од оркестрираната асимилација од албанската држава и бугарската пропаганда. Македонците во Република Албанија сметаат дека не постои никаква вина кај Темелко, за делото за кое што е обвинет од СЈО. Едмонд Темелко ниту врбувал, ниту поткупувал Македонци од Албанија со македонско државјанство и живеалиште во Република Македонија, да гласаат на локалните избори во Република Македонија во 2013 година. Македонците во Република Албанија сметаат дека станува збор за политичка хајка, против единствениот градоначалник Македонец, на само една општина во Република Албанија, како колатерална штета од пресметката меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, реагираат од партијата.
МАЕИ потсетува дека Македонците по потекло од Република Албанија се интегрален дел од албанското општество, но нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ, и бара претседателот на Република Македонија, веднаш да го помилува Едмонд Темелко, да го ослободи од гонење и да се земе предвид неговата нарушена здравствена состојба.
Градоначалникот Темелко синоќа беше на распит во Првата полициска станица во Скопје, а потоа беше спроведен во истражниот затвор. Пред да го транспортираат до затворот, пред полициската станица, Темелко изјави дека сам се пријавил, откако за него беше распишана централна и меѓународна потерница.„Никој не ме уапси, сам се пријавив“, рече градоначалникот на Пустец.
Тоj е обвинет во случајот „Титаник“ на СЈО, а Основиот суд Скопје 1 му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.
СЈО утврдило дека обвинетиот Темелко не ги почитувал мерките за редовно јавување во судот, па побара построга мерка. Иако имал забрана да не ја напушта Македонија, тој неколку пати ја поминал границата со албанска лична карта.
фото: МЕТА