Реформистите на ВМРО-ДПМНЕ имаат свои поддржувачи и во редот на пратеничките групи од оваа партија. Како што рече Александар Михајловски, имињата не им ги соопштуваат, за да се спречи нивна смена од функцијата што ја извршуваат во моментов. „Ако сега излеземе со име, кои пратеници нè поддржуваат, убедени сме дека ќе бидат изложени на притисок да се повлечат од пратеничката функција. Затоа, во овој момент, нема да ги кажеме. А, има многу, многу ги има!“, откри Михајловски на трибината „Без табу теми!“, која на иницијатива на ЦИВИЛ – Центар за слобода се одржа во Клубот на новинари, во понеделникот.
„Не знаеме која е целта на новоформираните 10 пратенички групи. Ако била целта да се прошири дебатата, тогаш, тоа е во ред. Но, ако била целта да се блокира работата на Собранието, тогаш тоа дополнително ќе го наруши имиџот на партијата во јавноста. Има пратеници што ја поддржуваат нашата Инцијатива. Но, нема да шпекулираме со имиња, зашто секое име што претходно го објавивме, беше разрешено од партиската функција што ја имаше! Зашто, Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, има широка поддршка во членството. И не само во членството, туку во сите партиски тела и органи, вклучително и во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Сите се свесни и повеќе од јасно им е – дека ова е исклучително важен момент во историјата на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Михајловски.
Според него, на македонската политичка сцена има најави за формирање нови политички партии во десницата, со кои што ќе се прави обид дополнително „да се цепи ВМРО-ДПМНЕ“.
„Ќе има обиди за да се раслојува ВМРО-вското гласачко тело, со што може да биде доведен во ризик, опстанокот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој аларм, ние што целиот живот сме биле во ВМРО-ДПМНЕ, го чувствуваме и тоа беше главниот поттик да излеземе јавно, со целиот тој крик што го чувствуваат членовите, што сакаат ВМРО-ДПМНЕ да остане во овој облик, но како демократска и модернизирана партија, да може да ги канализираме, да ги охрабриме да дојдат со нас и да може да се даде една форма во целиот настап“, информираше реформистот Михајловски.
М. Талеска
Камера: Д. Муратов
Монтажа: Е. Климента