„Во можеби ниту еден дел од Европа не се чувствува толку болната историја од 90-тите години на минатиот век, исполнета со насилство, како во земјите на поранешна Југославија“, велат од „Гете Институтот“ од Скопје, образлагајќи ја идејата за организирање на изложба на документарни фотографии со наслов „Минатото е сега (Past is Now)“.
Во Скопје изложбата ќе се отвори денеска, 15-ти февруари во 19 часот, во Културно информативниот центар – КИЦ и ќе трае две седмици.
Изложбата е подготвена за фестивалот „Фотодокс 2015“, како продолжение на презентацијата во Градскиот музеј во Минхен, и ќе се прикаже како патувачка изложба во седум земји.
Изложбата на разновидни начини ја анализира темата „Минатото е сега“. Нејзините документарни позиции работат со постојните архиви или создаваат нови, тргнуваат во историска потрага и рефлектираат културни стереотипи и музички митови, гледаат 25 години назад кон германското обединување или кон Дејтонскиот мировен договор пред 20 години, со кој се стави крај на војната во Босна и Херцеговина.
Изложбата поставува критички прашања за ветувањата на Европа и, како и секогаш кај „Фотодокс“, низ делата се објаснува улогата на документарната фотографија и на медиумите.
Поздравен говор на отворањето на изложбата „Минатото е сега“ ќе имаат Н.Е. д-р Кристине Алтхаузер, амбасадорка на СР Германија во Македонија, Тања Кригер, директорка на „Гете Институтот“ од Скопје и фотографот Александар Кондев.