„Овој филм не е филм за немилите настани на Смилковско езеро, иако тоа е директната провокација и инспирација за приказната. Потенцираме дека ниту се обидовме да ги реконструираме вистинските настани, ниту да ги портретираме вистинските ликови, ниту пак се обидовме да понудиме сопствена верзија со која би разоткриле што се случувало тој ден“, соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“ која стои зад филмот „Кога денот немаше име“.
По прес-конференцијата на која беше најавено дека новиот филм на режисерката Теона Митевска, ќе учествува на Берлинскиот филмски фестивал, во дел од медиуимте беше објавено дека приказната во филмот е инспирирана од трегичниот настан кај Смилковско езеро.
„Бев емотивно погодена од смртта на четирите млади момчиња, преплашена од леснотијата на злосторството. Се обидов да ги замислам последните 24 часа од животот на некои млади луѓе кои никако не би можеле да претпостават таков ненадеен крај. Се обидов да ја прикажам комплексноста на нашето општествено опкружување, религиозните и етнички тензии, културолошките тенденции, изместениот систем на вредности, но сето тоа, преку измислени ликови. Ова не е фактографска, документаристичка приказна за конкретните момчиња чии млади животи, секако неправедно и несреќно, згаснаа под неразјаснети околности, кои и по судската пресуда, сé уште предизвикуваат недоумици и дилеми – што точно и како точно се случило. Овој филм не нуди одговори на овие прашања. Ова е уметничка визија, фикција, измислена и инспирирана од трагичниот факт дека насилството е присутно, сурово, безмилосно, неоправдано и неоправдливо. Не верувам во насилство, му се противам и реагирам против тоа. Верувам во толеранција, разбирање, почит, еднаквост и правдина и овие вредности се обидувам да ги пренесам во своите филмови“, објаснува во соопштениетот, режисерката Теона Митевска.