Територијата на Република Македонија и денеска се наоѓа во „портокалова фаза“, па Министерството за труд и социјална политика и понатаму бара работодавачите да ги почитуваат препораките за работа во топлотен бран.
Министерството за труд и социјална политика испрати соопштение во кое се вели дека само во периодот од 4 до 6 август 2017, државните инспектори за труд – од областа на безбедност и здравје при работа, извршиле 207 инспекциски надзори кај работодавачи за почитување на препораките за топлотен бран, на територијата на Република Македонија!
Притоа, донесени се и дури 84 забрани на работодавачи кои не ги почитувале препораките да не се работи на отворено од 11 до 17 часот!
Трудовите инспектори вршеле надзори кај работодавачи од: градежништвото (67 забрани), земјоделието (13 забрани), преработувачката дејност (2), рударството и вадење камен (2), отпадите, комуналните услуги, конфекциските погони…
За работодавачите и понатаму важат следните препораки (кои ги добиваат и оисмено и во кои се потенцира дека ќе бидат санкционирани ако не се придржуваат кон нив):
– Адекватна вентилација и, по можност, климатизација во затворен работен простор:
– Вработените да не работат на отворено за време на најтоплиот период од денот, од 11 до 17 часот.
– Промени во организацијата на работниот процес (воведување двосменска работа).
– Обезбедување засолништа во кои вработените можат да се разладуваат во одреден период во текот на работата.
– Почести паузи во текот на работата и консумирање течности.
– Работната облека да биде од лесна порозна ткаенина, а при работа на отворен простор – вработените да имаат очила и капи.
– Предупредување за зголемени опасности од несреќа при работа (пожари).
Иако и за време за време на топлотниот бран, во периодот од 29 јуни до 1 јули 2017 година, дежурните екипи на Државниот инспекторат за труд извршија 97 инспекциски надзори од областа на безбедноста и здравјето при работа на целата територија на Република Македонија, и донесоа решенија за забрана за работа за 37 правни субјекти, и иако сега, жештините уште потешко се издржуваат, за жал, и покрај предупредувањата и заканите со санкции, дел од работодавачите и понатаму го изложуваат на опасност здравјето на вработените, за што ЦИВИЛ Медиа предупредува(ше) во редакциски и во текстови на граѓанските новинари.