„Ова не е единствен пример со кој се правел удар токму врз грбот на најранливите категории во изминатите 11 години. Практиките се менуваат и институциите работат само во интерес и грижа за граѓаните. Начинот на кој се грижиме за најранливите е огледало и на самите нас, и индивидуално, и колективно“, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, објаснувајќи зошто Министерството за труд и социјална политка овој месец направило две исплати на социјална парична помош и правото на туѓа нега.
„На 1 септември, граѓаните добија една исплата, онаа која што е задоцнета, и сега, на 14 септември, имавме втора исплата, во истиот месец, со цел да ја исправиме неправдата којашто пред шест години им била направена на најранливите категории на граѓани! За оваа задоцнета исплата, со ребалансот на буџетот обезбедивме дополнителни 200 милиони денари!“, потенцираше министерката.
Според неа, во насока на остварување на заложбите за одговорно работење и враќање на парите на граѓаните, од септември 2017 година е воспоставена редовна динамика на исплата на правата за социјална парична помош и паричниот надоместок за помош и негата од друго лице, популарно наречена „туѓа нега“.
„Во 2011 година на граѓаните кои што примале социјална помош и ‘туѓа нега’ им е украдена една исплата. Наместо за правата коишто требало да ги остварат во ноември за туѓа нега и за социјална парична помош да добијат исплата во месец декември, таа ја добиле во јануари 2012 година… Со ова се случува скратување на еден месец во исплата на правата. Со ова биле оштетени повеќе од 30 илјади граѓани, со вкупна сума од над 240 милиони денари“, потенцираше Царовска.