Categories

СЕВЕРНА КОРЕЈА Меѓународната заедница ги повикува Пјонгјанг и Вашингтон на воздржаност!

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, ги одложи плановите за напад врз американскиот пацифички остров Гуам. По разговорите со своите генерали, лидерот Ким најави дека малку подолго ќе го следи однесувањето на САД,  но, истовремено, се закани со промена на мислењето која може да се случи во секој момент!?

Поради заканите од ваков инцидент, Пјонгјанг и Вашингтон почнаа вербална војна, којашто според американскиот министер за одбрана Џејмс Метис, може лесно да се претвори во вооружен конфликт со сериозни последици на глобално ниво!

Топката ја смирува претседателот на Јужна Кореја, Мун Џе-Ин кој потенцира дека без согласност од Сеул, нема да се спроведе никаква воена операција на полуостровот.

И Кина денеска повторно повика на воздржаност на Корејскиот Полуостров, изразувајќи надеж дека „сите земји можат да ги изгаснат пламените јазици, а не да долеваат масло на огнот со нови зборови и дела“, пренесоа британските медиуми. Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, на денешната редовна прес-конференција повикала на мирно надминување на конфликтот.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, повика на итно решавање на кризата на Корејскиот Полуостров на мирен, никако – на воен начин.

„Постои итна потреба за деескалација на тензиите на Корејскиот Полуостров. Тоа е приоритет на ЕУ и на меѓународната заедница. Затоа ја повикувам Демократска Народна Република Кореја да се воздржи од дополнителни провокативни акции кои само можат да создадат регионални и глобални тензии“, се наведува во изјавата на Могерини, по повод зголемената напнатост меѓу Северна Кореја и САД.

Print Friendly, PDF & Email