Меѓународниот ден на мирот, 21 Септември, повикува на заедничка акција на сите мирољубиви луѓе во светот за меѓусебно почитување и надминување на меѓусебните недоразбирања, за промовирање на човековите права и слободи и за подобрување на условите за живот во мир и достоинство.
Овој ден е посветен на борбата против омраза, предрасуди, насилство, национализам, култ кон оружјето и вооружени конфликти, како и на промоција на демократијата и на просперитетот за сите подеднакво.
Предизвиците со кои се соочува светот – сиромаштијата, гладот, социјалната нееднаквост, деградацијата на животната средина, корупцијата, меѓуетничките конфликти, се алармантни и повикуваат на соочување и нивно надминување.
По повод Меѓународниот ден на мирот, ЦИВИЛ – Центар за слобода се приклучува со порака дека и како поединици, но и како општество, треба секојдневно да придонесуваме за секој ден да помине во мир и слобода. Секоја година ЦИВИЛ ги поканува своите членови, активисти, волонтери и партнерски организации да изразат поддршка за ширење на пораките за мир и за секојдневно активно промовирање на мирот.
Со Резолуција на Генералното собрание на ООН од 2001 година, 21 Септември е прогласен за Меѓународен ден на мирот. Резолуцијата ги обврзува сите држави-членки на ООН, редовно и секоја година, Денот на мирот да го одбележуваат со соодветни програми.
Меѓународниот ден на мирот во Македонија оваа година е посветен на правото на чист воздух, со мировен марш во организација на О2 Коалицијата, Детската амбасада Меѓаши и Скопје Смог Аларм, што ќе започне во 17 часот пред Владата на Македонија.
По јавното обзнанување на барањата, доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање на 11 септември, во 17:30, ќе се тргне кон населбата Карпош 3, каде што ќе им се даде поддршка на Граѓанските иницијативи „Ние сме Карпош 4“, „Стоп на загадувањето“, „Воздух сега!“ и „Карпош 3“, кои ќе достават свои барања и петиција до Општина Карпош за зачувување на зелениот појас долж реката Вардар.