Националната установа „Музеј на албанската азбука“ во Битола, од нејзиното отворање, во ноември 2012 година, е постојана цел на напади и обиди за негово демолирање и вандализирање. Но, предизвиците поврзани со сигурноста и безбедноста на овој објект и на вработените, не се единствените со кои се соочува оваа државна институција.
Проблемите се бројни. Покрај ставањето на институцијата во „жешкиот“ меѓуетнички контекст, таа била злоупотребувана и во партиски и во политички контексти, состојба која речиси редовно се повторува при организирањето на прославите за Денот на албанската азбука.
Јавноста се сеќава дека на една од поранешните прослави, буквите од воениот прекар „Абаз“, кој му припаѓа на сегашниот лидер на ДУИ и политички лидер на поранешната ОНА, Али Ахмети, беа прокламирани како четири златни букви за албанската историја. За време на прославите имаше и информации за инциденти со некои од присутните, за селективно канење на гости и други „зачини“ вообичаени за борбата меѓу партиите во земјава.
Настрана политиката, тука се и тешкотиите од „секојдневието“. Недостатокот на средства за реализирање на проектите, малиот број на вработени, недостатокот на соодветни информации за јавноста во земјава и пошироко, потребата за реконструкција на објектот стар повеќе од 100 години… Се добива впечаток дека оваа установа е двојна жртва: Жртва на омразата која постојано се продуцира во општеството, но и жртва на игнорирањето и негрижата од државата, што по основањето на Музејот прави мошне малку за оваа институција, која претставува значаен дел од културното наследство на Македонија, но и на Албанците, воопшто.
Завчерашниот напад врз „Музејот на албанската азбука“ во Битола, кога непознати лица со „фантомки“, рано наутро се обиделе да го опожарат, со фрлање на „молотови коктели“, за среќа, не предизвика поголема штета на овој објект. Нападот се случи на 7 Март, датум што Албанците го одбележуваат како Ден на учителот. Индикативно, и претходните напади врз оваа институција се случуваа наспроти празници. Пред неколку месеци, повторно во раните утрински часови, нападот се случи токму на 22 ноември, Денот на албанската азбука, кој е прогласен и за празник за припадниците на албанската заедница во Македонија. Претходно, Музејот беше нападнат и во 2013-та, наспроти денот на словенските просветители, Св. Кирил и Методиј.
Во соопштението по последниот инцидент, СВР Битола посочи дека настанот бил забележан во 06.45 часот од полициски службеник, а по овластување на Јавен обвинител, увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Битола.
„При увидот било констатирано дека непознат сторител фрлил стаклени шишиња со непозната запалива течност, при што бил скршен застаклениот дел од влезната врата од објектот. Од местото на настанот се подигнати траги: стаклени шишиња, ткаенина, непозната течност и селотејп и истите се доставени до Министерството за внатрешни работи за вештачење. СВР Битола презема мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на настанот“, се вели во соопштението на битолската полиција.
Сепак, факт е дека досегашните истраги за претходните напади, не дале никаков резултат, бидејќи полицијата нема расветлено ниту еден од нападите, ниту има осомничени или приведени.
Повторените напади врз Музејот се причина оваа установа веќе три години да ангажира и приватно обезбедување, кое е подготвено да реагира веднаш, доколку безбедносните камери и алармот забележат неовластено присуство во нејзините простории. Сепак, тоа не може да ги спречи обидите да се вандализира музејот однадвор, како што беше, впрочем, случајот со неколкуте регистрирани напади.
Директорот на Музејот, Нуер Арслани вели дека и покрај коректниот и професионален однос на полицијата и обидите да се дознае нешто повеќе за напаѓачите и од безбедносните камери од околните објекти и улици, некаков епилог сè уште нема. Арслани неодамна побарал и вработување на постојано физичко обезбедување од Министерството за култура, за што сè уште нема повратен одговор. Тешко му беше да најде соодветни зборови за да ги карактеризира нападите врз установата со која раководи.
„Не знам што да речам. Го осудуваме најостро настанот! Ние сме национална установа и тука нема простор за да се прават вакви проблеми, кои подоцна може да предизвикаат и меѓуетнички реакции“, изјави Арслани за ЦИВИЛ Медиа.
Што се однесува до другите предизвици, според директорот на Музејот, тие се последица, пред сè, на недостатокот на средства, кадар и услови за нормално и непречено реализирање на неговата работа.
„Најпрвин, имаме недостаток на средства. Бараме многу повеќе, а добиваме многу малку од Министерството за култура. Ова е основниот проблем. Второ, ни недостасуваат вработени во Музејот. Повеќепати, во текот на овие години, сме упатувале барања за вработување на персонал до Министерството, но досега не сме добиле позитивен резултат“, посочува Арслани.
Минатата година, буџетот на Музејот за организирање на сите негови активности и одржување на објектот, бил околу 150 илјади евра, вклучувајќи го и организирањето на манифестацијата за Денот на азбуката, која претставува настан од големо значење и собиралиште на истакнати културни дејци и албанолози не само од регионов. Според директорот Арслани, установата конкурира и за добивање на државни средства преку проекти, но добар дел од нив не се прифаќаат. За реконструкцијата на објектот, стар повеќе од еден век, директорот вели дека цел на институцијата е тоа да се направи преку средства од ИПА фондовите на ЕУ, за што веќе има подготвено проект.
Очајната состојба на објектот на Музејот е одамна забележана од стручњаците во земјава. Д-р Катерина Тодороска, научен советник во Институтот за национална историја и експерт со над 30-годишно искуство во истражувањето на историјата на Албанците и на заедничката историја на Македонците и Албанците, смета дека тоа што се случува со Музејот на албанската азбука е недозволиво. Како виновници за состојбата и негрижата таа ја посочува државата и партиите на власт.
„Таа институција не смее да се распаѓа! Добро го познавам објектот, и однатре и однадвор. Ова не смее да се случува со нешто што е културно богатство за целата земја“, оценува Тодороска во разговорот за ЦИВИЛ Медиа.
Од друга страна, таа има забелешки и на начинот на кој работи музејот, особено во делот на информирањето на граѓаните. Недостатокот на информации на македонски јазик, може да е дел од причините за големото непознавање, страв а и одбивност на припадниците на другите заедници, кои не го познаваат албанскиот јазик и историја.
„Јас сакам таму да носам ученици, студенти, за да дознаат нешто повеќе. Познавајќи ја културата на другиот, ние се запознаваме подобро и себеси. Малку информации има на македонски, нема веб-страница, нема речиси ништо“, посочува Тодороска.
Според оваа истакната историчарка, нападот врз Музејот не е воопшто наивен. Тој кај неа буди грижа и сомнежи за понатамошно усложнување на состојбите. „Нападот над секој објект што се однесува на нашето културно и историско наследство е атак врз македонската историја, атак врз граѓаните и населението на нашата земја, како и врз нашата заедничка иднина“, децидна е Тодороска.
Слична порака има и директорот на Музејот, Нуер Арслани.
„Културните институции и културното наследство треба да бидат тргнати настрана од дневната политика. Нема потреба да се уништуваат музеи, дали овој или некој друг, за со тоа да се покаже гнев на некоја политичка или етничка страна. Се надевам дека ова ќе заврши дотука. Ние имаме многу идеи и проекти кои сакаме да ги реализираме. Имаме уште многу работа, ќе работиме, само да не се случуваат вакви работи“, порачува тој.
Напнатиот ден помина. По речиси петгодишно постоење, Музејот на албанската азбука во Битола, сместен во куќата во која е кодифицирана албанската азбука во далечната 1908 година, очигледно останува прилично осамен и беспомошен во својата борба за опстанок и напредок, без соодветна институционална помош но и внатрешен капацитет за да се справи со сите предизвици, додека сето тоа се случува во атмосфера на нарушени меѓуетнички односи и длабока општествена и политичка криза. За да се промени тоа, и државата, и политичките фактори, и јавноста, и граѓаните, но и самите вработени, ќе треба да направат многу повеќе работи, на многу подобар начин.
Петрит Сарачини