Музејот на албанската азбука, изутринава бил мета на напад од четворица маскирани лица, кои околу 4 часот фрлиле „молотови коктели“. Напаѓачите успеале да ги оштетат стаклата на прозорците и на влезната врата, а пред влезот на Музејот се забележани остатоците од шишињата со засега непозната запалива течност.
Полицијата ја обезбедува зградата на музејот уште од раните утрински часови. Се очекуваат повеќе информации за настанот од Министерството за внатрешни работи. Нуер Арслани, директорот на оваа институција, го потврдува нападот врз музејот: „Музејот беше нападнат со ‘молотови коктели’ од четири маскирани лица. Се обидоа да го запалат, но за среќа, не успеаја. Ги искршија само стаклата“, изјави Арслани во медиумите.
Напаѓачите се снимени од безбедносните камери поставени на самиот објект, а снимките се веќе предадени на битолската полиција, која напарави увид на лице место.
За жал, оваа зграда веќе еднаш е демолирана на поетокот на предизборната кампања, токму на Денот на албанска азбука, кога непознати лица ги искршија стаклата на музејот и испишаа непристојни пораки на фасадата на истиот. Денешниот напад се совпаѓа со Денот на албанските учители.
Нападот засега го осудија претседателот Ѓорге Иванов, Министерството за култура, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Пред пет дена, на социјалните мрежи се прошири „рецепт“ за подготвување на „молотов коктел“, споделен од Емил Јакимовски, член на ВМРО ДПМНЕ и асистент на в.д. директорот на Централниот регистер во Скопје.
И. Т.