Заврши парламентарната расправа, но не се изгласа огласот за Јавен обвинител на Република Македонија. Пратениците од опозицијата побараа да се одложи оваа точка по локалните избори и да се почитува ставот на Антикорупциска комисија, од каде тврдат дека носители на јавни функции не може да се разрешуваат и именуваат до завршување на изборите. Според Антикорупциска, постапката е целосно незаконска.
„Надлежноста за свикување седница на комисиите е на претседателите на комисиите. Мојот повик беше претседателите на комисиите да ги свикаат седниците и од понеделник, тие имаа можност да ги свикаат седниците за стартните постапки веднаш. Тоа е сега работа за која што веројатно од колегите пратеници и од претседателите на комисиите ќе треба да барате објаснување“, порача Џафери.
Според владејачкото мнозинство не е прекршен, ниту еден закон во постапка за разрешување на јавниот обвинител, Марко Зврлевски. Тие потсетија, дека во 2013 година, кога биле распишани избори на 11 јануари, по 10 дена т.е. на 21 јануари, тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ го именувала Зврлевски за јавен обвинител. Но, тогаш никој не е реагирал.
Зврлевски е разрешен од функција јавен обвинител на 17 август, на предлог на Владата, поради ненавремено, незаконито и недоволно стручно извршување на функцијата. На негово место за в.д. јавна обвинителка е именувана Лилјана Спасовска.