На протестот организиран од неформалната граѓанска иницијатива „Во одбрана на Дебар Мало“, жителите на скопската населба, во понеделникот се собраа пред објектот на Министерството за култура, за да бараат – да им се врати нивната населба, да им се вратат тротоарите кои се користат како паркинзи.
По трагичниот инцидент во кој една граѓанка го загуби животот, откако беше прегазена од возило за достава на стока во сообраќајниот хаос во Дебар Маало, учесниците на протестот, порачаа: „Со години ни го силуваат нашето Дебар Маало, изградија повеќекатници, уништија паркови, сечеа дрвореди, преименуваа улици… СТОП на ова насилство!“
Според дебармаалци, новиот ДУП во Општината центар предвидува „бришење“ на пазарчето Буњаковец, изградба на повеќекатници како оние што ги гради Џеваир во Аеродром, доуништување на, и онака малку, престанатото зеленило, „уривање и на последните стари куќи што нашите претци-дебарчани ги изградија“.
На протестот беше испратен повик: Ги повикуваме сите дебарамаалци, поранешни и сегашни, да ставиме крај на ова насилство! Да се појавиме масовно во просториите на Општина Центар и да ги доставиме нашите приговори. Да се обединиме во платформа во одбрана на Дебар маало! Да ги активираме постоечките Урбани заедници, порано познати како месни заедници и да доставуваме наши предлози за тоа – какво маало и град сакаме! Да ја јакнеме солидарноста меѓу дебармаалци и жителите на останатите населби и маала, без разлика на верска, етничка и социоекономска припадност“.
Општина Центар го поздрави протестот на граѓаните на Дебар Маало, кои побараа заштита на пешаците и ослободување на тротоарите од возила. Оттаму сметаат дека барањата се целосно оправдани и најавија дека ќе се посветат на решавање на овој проблем.
„Како прв приоритет е обезбедување простор за паркинг на повеќе возила во Дебар Маало, за што веќе е најдено решение. Наскоро ќе биде поставен монтажен паркинг меѓу општината и Министерството за одбрана, со влез и излез од улицата ‘Орце Николов“’ Паркингот ќе обезбеди место за 270 до 290 возила“, соопшти Општина Центар.
Општина Центар информира дека ќе се изработи студија за мерење на сообраќајот и проекција за потребниот паркинг простор за резидентите, од која ќе се подготви решение за целиот кварт. Општина Центар соопшти и дека ќе иницира формирање на координативно тело со претставници од сите надлежни институции, со претставници на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и ЈП Паркинзи на Општина Центар. И граѓаните ќе можат да учествуваат во ова тело и да даваат сугестии во фаза на изработка на решението.
Текст, фото и видео: Вулнет Махмути
Монтажа: Даниела Нисева