Categories

VOX POPULI Не ви е простено – нема да ви биде!

Денес е убав ден, речиси пролетен. Бистар и сончев. Денес е Прочка.

Пишува: Денис Јанкуловски

Прочка  е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост.

Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Редот бил да бараме прошка од постарите. Но, овојпат -не. Прошка треба да бараме од помладите, од децата наши. Од нашето богатство кое последниве години само ни се оддалечува.
Да бараме прошка што дозволивме да живеат 10 години во мрак и притисок, да живеат со своите родители наместо сами и одвоени, што дозволивме да се срамат и тие а и ние барајќи ни стотче за кафе.

Да бараме прошка затоа што дозволивме да се чувствуваат странци дома, да не ја чувствуваат слободата, затоа што не знаат дали некој ќе ги притвори или не, како му е кеиф.
Денеска бараме прошка затоа што дозволивме да избегаат во странство, а не е дека сите работат за илјадници евра.
Дозволивме нашите деца како студенти и средношколци да се мафтаат по улици, да спијат во ходници и шатори, на дожд и ветар, што дозволивме најубавиот период од животот, средношколскиот период, наместо да го поминат во веселби и музика, бескрајни дружења и прегратки, да го поминат во бистрење политика, во преговори со диви ѕверови кои без никаква почит се обидоа да им ги заријат канџите. Но тие, нашите деца остро се спротивставија. Давид против Голијат. А беа само деца кои се искалија во созреани луѓе. Можеби прерано. Но, за наша среќа, навреме.
Бараме прошка а истовремено и се бориме и ќе се избориме за тие што останаа да живеат во нормална држава а тие што отидоа да доаѓаат да не гледаат со насмевки.

Синови мои, простете ми!

Денеска се простувало, се заборавале грешките. Речи си, прости ми – простено ти е, и – оп, магично се се брише и заборава. Ќе појдеме кај, или ќе ни дојдат најблиските, ќе се посмееме. Не, не е тоа урда од пет банки, мачкај на леб.
Истото ова можеа и требаше денес да го прават и Тамара и Мартин, Фросина и Младенов, Филип, Александар, Цветанчо и Кире и Борче, како и сите оние дечиња и родилки чии животи неправедно згаснаа по болници.

Денеска треба да се во кругот на најблиските, стотиците неправедно затворени. Денеска треба да бидат со семејствата „избрканите“ и оние кои заради „невозвратена љубов“ се расеале насекаде низ светот.

Со простувањето на виновниците, им штетиме на невините, тоа би значело нивно заборавање.

Денеска е убав ден, речиси пролетен. Денеска можеше Тамара да ни ја даде најубавата детска насмевка што некогаш ја имам видено. Можеше…….

Така што, не ви е простено –  нема да ви биде!

Да не дозволиме веќе ваква Прочка!

Print Friendly, PDF & Email