„Ако се бараат гаранции за унитарноста на Македонија, тогаш ВМРО-ДПМНЕ се сомнева во своите пратеници!“, рече Зијадин Села, лидерот на Движењето за реформи – ДПА, на денешната прес конференција во Тетово. Тој порача дека „на 27 април се изврши атентат врз потребите на Албанците, не лично врз мене, туку, врз политичките барања на Албанците. На 27 април донекаде, со тој атентат успеаја да нѐ убиваат, но ние пак, се реинкарниравме и се вративме на политичката сцена во Македонија“, рече денеска Села.
Ова беше прво обраќање во јавноста на Села, по крвавиот четврток, на 27 април, кога во Собранието, демонстрантите од иницијативата За заедничка Македонија“, му нанесоа тешки телесни повреди, а повредија и неколкумина други пратеници.
„Не сакам да се занимавам со правниот, туку со политичкиот аспект на целиот настан. Бев нападнат политички, а не затоа што имам некои проблеми со напаѓачите, дури не ги ни познавам… И ние ќе продолжиме пак, за да ги преточиме потребите на Албанците во Република Македонија во политички барања, ќе продолжиме заедно со сите други политички субјекти по овој наш пат и ќе се вратиме уште посилни на политичката сцена“, рече Села.
Тој не одговори на новинарско прашање дали ќе биде идниот министер за здравство, но порача дека за ДР – ДПА, „повеќе се важни тематските прашања, отколку тоа, кој ќе биде или нема да биде министер“.
„Ние уште на почетокот бевме за ново владеење, коешто ќе биде во интерес на граѓаните, праведно кон граѓаните, ново владеење што нема да ги дели граѓаните врз етничка и политичка база и ќе ја врати надежта дека во Република Македонија може поинаку, може подобро!“, поентираше Села.
Беше дециден во ставот дека ДР–ДПА, не само што не дала гаранции за унитарноста на Македонија, туку и нема такви намери.
„Нормално дека во политичката влада, ние ќе бидеме гаранција дека интересите на Албанците во таа влада ќе бидат гарантирани. Ние никаква гаранција не сме потпишале и никако нема да потпишуваме гаранции коишто ги барал некојси претседател. Нема да дозволиме никој да ни забрани да размислуваме и да даваме предлози. Ништо не е спорно, тоа што се зборува со месеци, дека мора да се чува унитарниот карактер на државата, тоа не се прави на протести и по улици, туку тоа се прави во Собранието. Ако некој собира двотретинско мнозинство, тоа ќе го направи и во Собранието. И зошто гаранции да се бараат од некого, ако се знае дека ВМРО-ДПМНЕ има 51 пратеници. Ако ВМРО-ДПМНЕ не е сигурна во нивните пратеници, тоа е друга работа“, прокоментира Села.
М. Талеска