Со Господ напред, од врата до врата, со виски ем кока-кола, ем роденденска торта, кандидатите во фенси стил, ветуваат кули и градови и клечат и молат за Н.В. – гласот…
„Ниту една закана нема да нè клекне на колена“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од Пробиштип. Меѓутоа, тој во присуство на неколку партиски претставници (верници) од Сојузот на Ромите на Македонија (СРМ), во петокот присуствуваше на Џума во прилепската џамија. (Во „ромската“ џамија, оти ни на крај памет не му падна, додека 11 години беше на власт, да ја изгради џамијата во центарот на Прилеп, која до темел беше пеплосана во 2001 година). Груевски, во и пред џамијата во Прилеп, имаше средба со верниците и оџите.
А точно пред осум месеци, за поразот на парламентарните избори, Груевски во едно интервју изјави: „Одредени фактори од надвор сè правеа да му помогнат на СДСМ, eден дел е преку медиумите, а друг дел на влијание се вршеше од оџа преку оџа. Сега е модерно кај Албанците да се против ВМРО-ДПМНЕ, тоа е фенси“! Дали сега е #фенси да се клечи на колена пред оџите и да се бара од нив да ги убедуваат верниците да гласаат за „спасителите“ Груевски и Марјан Ристески од ВМРО-ДПМНЕ?
Кога сме кај гласачите, кандидатот за градоначалник на Струга, Насто Палиоски од Народното движење на Македонија, партијата на Јанко Бачев, ветува дека ќе се залага за процут на општината, како што Исус се залагал за верата!
„Со Господ напред и ние по него, за градоначалник на Општина Струга. Се колнам и давам заклетва дека ќе бидам добар татко на челета од општина Струга, без разлика на вера и партиска припадност. Господ е од сите и за сите!“, е слоганот на Палиоски.
Луѓе, кажете му дека ова се локални избори и дека се кандидирал за градоначалник на општина, а не за претседател на црковна општина. Амин…
Викендов во село Требеништа во Општина Дебарца, маж се обидел да силува кандидатка за советник на ВМРО-ДПМНЕ. Аман бе, партискиот штаб не е бордел! Во штаб се оди за да се слушне програмата на кандидат(к)ите, а не да се… Резил. Случајот е пријавен во полиција, а ВМРО-ДПМНЕ бара од надлежните институции да го расчистат случајот.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, со кандидатот за градоначалник на Кисела Вода, Филип Темелковски, одеа како коледари од врата на врата, и ја претставуваа програмата на СДСМ.
Во Чаир се отвори заеднички штаб на ДУИ и СДСМ, или како што пишуваат граѓаните: „Малку виски, малку Кока-кола“.
Градскиот татко, и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, во промотивниот спот вели: „Не те прави човек тоа што го зборуваш, туку тоа што го правиш“! Така е Коце, ти само зборуваш дека ќе го направиш Скопје зелено, ама битно е тоа што досега го направи фејк – барокно Скопје…
Вчера беше посебен ден – роденден на Заев! Толку народ на својот роденден, ниту Цеца, а богами ни Путин, не собрал. Рака на срце, на роденденот на Путин беа уапсени над 200 лица кои протестираа против него, кај нас, роденденот на Заев помина во најдобар ред и мир. Освен што скопјани реагираа на невидената блокада на градот, поради поддржувачите на СДСМ од внатрешноста. А избориве се локални, нели…
Кампањата и изборите и понатаму ќе бидат длабински мониторирани. Од сериозни набљудувачи. И од малку поинакви. Ете, претседателот на Македонскиот центар за култура и развој (МЦКР) Нелко Нелковски, кој пред неколку дена го промовираше Извештајот за набљудување на Изборите 2014 и 2016 година, и најави дека во духот на превенцијата, со шестмина набљудувачи ќе ги набљудува годинешните Локални избори, повторно најавува дека со неговиот фудбалски клуб „Даме Груев“ и со поддршка на навивачката група „Шарпланинци“ забрзано ќе цели кон фудбалската „Лигата на шампионите“… А додека не се оствари желбата на „Шарпланинците“ да навиваат за својот тим во некое големо фудбалско натпреварување, може да си навиваат за некоја политичка партија, на митинзи. Претседателот, пак, ќе ги набљудува сосе шестмината набљудувачи.
Дехран Муратов