Утре (13 септември) во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, од 18.00 до 21.30, во организација на Фондацијата „Хајнрих Бел“, Канцеларија Сараево, ќе се одржи конференцијата на тема: „Наративите во полу-авторитарни режими (Случајот со Македонија)“Организаторите најавуваат дека целта на конференцијата е да се анализираат наративите кои во последната декада во Македонија, беа насочени кон повеќе сегменти од општеството, културата, човековите права, политиките на сеќавања, политичкиот дискурс и медиумите.
Според најавата на организаторите, „во текот на последната декада, голем број на интелектуалци, претставници од невладиниот сектор, од меѓународни организации и од Европската комисија, Република Македонија ја дефинираа како заробена држава, демократура, делумно слободна држава или полу-авторитарен режим“.
Во тој контекст, „македонското општество се карактеризира со широко распространета политичка корупција и контрола од државата врз политичкиот, општествениот и културен живот. Во некои аспекти, општеството е изложено и на крајно десничарски и националистички политики и проекти, како и ширење на идеи и верувања, кои имаа и сè уште имаат силно влијание врз развојот на и така, слабата демократија во Република Македонија. На тој начин, загрозени се основните принципи и вредности на либералната демократија, како што се почитувањето на човековите права, родовата еднаквост, положбата на ЛГБТИ заедницата, слободата на говорот и слободните медиуми“.
Организаторите истакнуваат дека „десничарските конзервативни и националистички политики имале силно влијание на политиките на сеќавање и на културата. Со цел да се оправдаат и легитимираат овие политики, поранешната Влада и владеачките партии, со подршка на разни здруженија на граѓани, јавни личности и интелектуалци, обликуваа и развиваа низа на наративи, кои служеа за легитимирање на овие политики и проекти. Сето тоа не претставуваше само напад врз основните вредности на либералната демократија, туку и создавање на големи разлики помеѓу ‘нас’ и ‘нив’, на меѓуетничко, но и на интраетничко ниво. Исто така, овие наративи ги засилија авторитарните тенденции и вредности во македонското општество“.
Според програмата, конференцијата ќе се одвива низ две сесии од по 90 минути, на кои своите погледи ќе ги претстават луѓе кои подолго време работат во оваа област и ќе ги претстават своите искуства и истражувања. На првата сесија, чиј модератор ќе биде Сефер Тахири ќе дискутираат Игор Мицевски, Билјана Котевска, Кристина Леловац и Славчо Димитров, а на втората, која ќе ја модерира Љупчо Петковски, учесници ќе бидат Ирена Стефоска, Ивана Драгшиќ, Дарко Стојанов, Миша Поповиќ и Влора Речица.