пишува: Сашо Орданоски
[dropcap]Д[/dropcap]а не беше ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Георгиевски, Македонија можеби немаше да стане независна држава на 8 септември 1991 година. Да беше осамостојувањето така изведено како што сакаше ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Георгиевски, Македонија веројатно немаше да стане независна држава на 8 септември 1991 година. Тој микс од национал-романтизам и ентузијазам за раскин со Југославија, што го донесе ВМРО-ДПМНЕ, од една страна; и рационалноста и прагматичноста со која настапија реформираните комунисти дистрибуирани во неколку левичарски формации, од друга, придонесе Македонија, сепак, во процес од неколку критични години при распадот на СФРЈ, да се осамостои по мирен пат, што беше главното балканско изненадување, со оглед на настаните на север од нас и почетокот на воениот судир во Хрватска и Словенија во мај и јуни истата таа 1991 година.
Киро Глигоров, а не Георгиевски, подоцна Љубчо, е клучниот политичар за македонското провлекување низ „иглените уши“ на бившо-југословенската криза. Да, во годините потоа се покажа дека стариот комунист Глигоров не практикува високи демократски стандарди во својот византиски пристап кон практичната политика, но дека Стариот Лисец беше голем регионален авторитет кој ја имаше неверојатната моќ да го почувствува провевот што го произведуваше секоја отворена врата или прозорец од Истанбул до Виена, од Софија до Тирана и од Атина до Белград. Тоа се важните работи, останатото се анегдоти… Ах, да, и фактот дека беше поголем македонски националист од повеќето членови на ВМРО кои ги познавав, само на еден политички исфилтриран начин, тешко воочлив „од прва“, за чии последици не е време и место сега да диваниме.
Триесетина години по тие настани, добро е што во Македонија завршија расправите за тоа кој бил поголем или помал патриот во тој период. Факт е дека одевме по работ од острицата на ножот и дека, помалку или повеќе, на овој или на оној начин, најголемиот број од политичките актери ѝ мислеле најдобро на Македонија.
Но, да не заборавиме, тогашната (а и сегашна) единствена светска сила, Соединетите Американски Држави, цврсто застанаа зад македонската независност, од причини кои важат и денеска: независна, демократска (значи, прозападна) и стабилна Македонија е еден од клучните делови од формулата за просперитет на Балканот, што сѐ уште е од национален интерес на САД. (Поупатените знаат што значи и какви практични последици произведува кованицата „национален интерес“ кога се САД во прашање.) Тој историски и гео-политички контекст трае до денеска, без разлика на обидите од некои политички сили тој придонес да се потцени или омаловажи. Тоа ви е како со струјата, сфаќате колку ви е важна за нормален живот само кога ќе ја снема. Всушност, мислам дека оние кои тоа, божем, не го сфаќаат сакаат да живееме во темница.
Ете, колку да ви го честитам празникот.