Пред секој изборен процес во Македонија, без разлика дали станува збор за парламентарни, претседателски или локални избори, постојано се зборува за некакви промени, a овој пат, стигнавме и до најави за „нова ера“, која ќе ни ја донесат локалните избори.
„Од 1994 година се зборува дека ова се најважните избори, и дека одеднаш сè ќе почне одново“, вели професорката Мирјана Најчевска, алудирајќи на тоа дека граѓаните немаат претстава дека гласаат за елементарни и приземни работи од локален карактер, а не за надворешна политика, меѓународни односи или пак, промена на име.
Наспроти Најчевска, д-р Сашо Орданоски вели дека овие избори навистина се најважните избори и тоа барем од три аспекти.
Според Орданоски, локалните избори ќе определат три важни процеси и тоа, „судбината на неколку партиски лидери, кои потоа ќе определат што ќе се случува со самите политички партии ако доживеат пораз, и трето, изборите ќе бидат оценка за единствениот важен процес, а тоа е, во кој правец ќе се движи Македонија, не само на меѓународен, туку и на домашен терен“.
Орданоски прогнозира дека овие избори ќе ја определат политичката судбина, особено на Груевски и на Ахмети, но и на другите политички лидери.
„Како последна одредница која ќе ја определат овие избори е временската дистанца до наредните парламентарни избори, односно, дали повторно ќе имаме предвремени парламентарни избори“, вели Орданоски.
Она за што сите говорници беа согласни на денешната конференција „Слободни избори за слободно општество“ на ЦИВИЛ која онлајн ја следеа нешто повеќе од 15.000 граѓани е дека „најважните“ избори за земјата, мора да поминат во фер и демократски услови и, конечно, изборните нерегуларности да бидат соодветно санкционирани и казнети.
Професорот д-р Осман Кадриу вели дека во Македонија покрај политичката владее и правна криза. „Правната криза означува и претставува сериозни правни проблеми кои немаат правна разрешница“, рече Кадриу,, потсетувајќи дека досега, освен неколку условни пресуди и нема одговорност, иако на сите изборни циклуси досега се утврдени сериозни нерегуларности и кршење на изборното право.
Апсурдно е да се говори за фер и демократски избори, особено ако знаеме дека ниту 20% од забелешките и препораките од парламентарните избори во декември 2016 година, не се исполнети, тврди Александар Новаковски.
Според мислењето на аналитичарите, но и на многубројните пораки адресирани до ЦИВИЛ за време на конференцијата, се поставува прашањето: дали воопшто може да стане збор за фер и демократски избори, доколку е повредено правото на глас, на макар еден граѓанин? Или пак, непочитувањето на датумот за почеток на предизборната кампања, имајќи предвид дека сите политички партии одамна ја започнаа својата кампања… Ова, дотолку повеќе што некои од нив не ја ни завршија претходната кампања за предвремените парламентарни избори, па во градовите низ земјата сè уште стојат плакати со носителите на листите на одделни изборни единици.
Во контекст на одржувањето на локалните избори и воопшто, на актуелната политичка ситуација во земјата, новиот германски амбасадор во Македонија, Томас Герберих, истакна дека македонското општество се наоѓа во огромен процес на реконструкција. „Една работа мора да биде јасна, сето ова е во интерес на државата и луѓето мора да продолжат со реформските процеси“, истакна амбасадорот Герберих.
Крис Хеншо, го поздрави вчерашното потпишување на Кодексот за фер и демократски избори од страна на сите учесници во изборниот процес и акцентираше дека оваа држава не зависи од изборите кои се одржуваат на секои 4 години, но и дека истовремено изборите се основата на демократијата.
„Македонската демократија нема повеќе простор и шанса за проверка на слободата и законитоста на изборите“, рече Сандра Гавриловска, правна експертка и членка на Експертскиот борд на ЦИВИЛ. Таа смета дека отсуството на практична примена на пропишаните казни и санкции е поради нефункционирањето на државните органи.
Гавриловска и Драган Малиновски се согласни дека еден од побитните предуслови за фер и слободни локални избори се законското и транспарентното финансирање, кампањи без средства од буџетот, јавни и транспарентни извештаи и одговорност од сите учесници во изборниот процес.
Имајќи ги предвид сите досегашни изборни процеси во земјата, јасни и очекувани се многубројните реакции на јавноста кои денеска пристигнаа во електронското сандаче на ЦИВИЛ. Од проблемите со Избирачкиот список, до учеството на лица за кои се водат судски спорови, или пак, се дел од предистражни постапки.
Еден од многуте такви коментари е од граѓанка која прашува: како може да веруваме на Кодекс потпишан од осуден воен злосторник, или пак, од луѓе кои треба да бидат во затвор?
Од сите неизвесности кои нè очекуваат наредниот период, извесно е само дека пред нас се деликатни избори, валкана кампања и многу мирен изборен ден на „најважните избори за Македонија“.
Маја Ивановска
Фотографии: Биљана Јордановска