За првпат од конфликтот во 2001 година, општата политичка ситуацијa – политичката криза е најсериозен проблем за граѓаните на Македонија, по што следуваат сиромаштијата, невработеноста, економската криза и платформата потпишана од лидерите на партиите од албанскиот блок. Ова се резултатите од анкетата „Перцепција на македонските граѓани за моменталната политичка состојба во Македонија“ што во март ја спровел американскиот Национален демократски институт (НДИ), со финансиска поддршка од УСАИД.
Деведесет и три проценти од граѓаните во Македонија моменталната политичка ситуација во државава ја доживуваат како тензична, критична и нестабилна.
Дури 65 отсто мислат дека државата се движи во погрешна насока, наспроти само 8% кои сметаат дека државата се движи во вистинската насока.
Речиси секој трет испитаник смета дека најодговорна за политичката криза е ВМРО-ДПМНЕ или претседателот Ѓорѓе Иванов. За 13 отсто проблемот лежи во платформата на партиите на Албанците, а речиси 11 отсто – прстот го вперуваат во СДСМ.
А речиси две третини од граѓаните сметаат дека мнозинството од пратениците може да формира влада, а половина од граѓаните на Република Македонија (51%) сметаат дека СДСМ и нејзините коалициски партнери имаат овластување да ја водат владата. Сепак, само 40% сметаат дека формирањето влада, без Иванов да го даде мандатот е легитимно.
Осум од 10 граѓани на Република Македонија (81%) не ја прочитале Платформата потпишана од страна на партиите од албанскиот блок.
Според граѓаните, растот на економијата, ставањето крај на политичката криза, вработувањата , обединувањето на земјата и владеењето на правото – треба да бидат првите пет приоритети за новата влада.
Платформата потпишан од лидерите на партиите на етничките Албанци е приоритет за само 1,8% од анкетираните граѓани.
На прашањето – „Од каде најмногу се информираат за политичките случувања?“, 66,5 проценти одговориле дека најмногу се информираат од телевизиите: Сител – 14.4, Канал 5 – 13.7, Алсат-М – 12.8 и ТВ 24 -11.9 проценти.
Анкетата е спроведена од страна на ТИМ Институт на 807 испитаници на возраст од 18 години и постари.