Categories

КОЛУМНА Ништо не научивме!

Од архивата на ЦИВИЛ

11 Октомври, 2016-та… И понатаму сме опкружени со жица. Менталитет од затворски двор. А морал на просечен затвореник…

пишува: Маја Ивановска

Разгледувајќи ги училишните тетратки на мојот седумгодишен син, налетав на цртеж посветен на денешниот 11-ти Октомври. Улица, две згради, едно знаме на Македонија и десетина раштркани човечиња со пушки. Меѓу нив, два-тројца во легната положба. Првата мисла која ми падна на памет, гледајќи го цртежот, беше реченицата која ја верглав на негови години, кога ќе нé прашаше наставничката што се случило на 11-ти октомври, 1941: „Пукнаа првите пушки во Прилеп и во Куманово“. Тогаш не бев свесна ниту за значењето на поимите востание, фашизам и угнетување. Љубопитна да го чујам неговиот одговор, како од пушка ја добив истата реченица.

На телевизорот – почетокот на Дневникот. Спикерот отвора уста, политичарите си ги раскажуваат своите приказни, нивните зборови допираат до мене, ама некој опасен гнев бара некоја поголема смисла во сето она што го слушам. Нивните насмеани лица се во целосен несклад со она што го слушам. А слушам само „бла, бла, бла, бла…“. Како во филмовите кога се случува некаков проблем во авион, турбуленција, на пример, откажува еден мотор или така нешто, па капетанот им се обраќа на патниците, со она: „This is your captain speaking…”. И капетанот секогаш има сигурен глас, едноставно, те убедува дека работите се под контрола и дека сето ова е само еден мал мизерен фрагмент на сеќавањето што ќе го прераскажеш неколку пати пред да го заборавиш.

Повторно го враќам погледот на цртежот од син ми и ме облива тага. Зарем во овие триесетина негови повлекувања со моливот  на тетратката е собрано сето знаење за овој ден? Зарем првата асоцијација на дете на седум години, за еден ваков ден се пушки и пиштоли? Се фокусирам на деталите. Знамето на Македонија, она кое го користиме од 1995 година. Висококатници кои се несвојствени за 1941-та. Ама пушките се битни! Тие први пукнале! Причината како и да не е важна…

Од телевизорот во соседната соба допираат звуци на најновата реклама на некој мобилен оператор. Животот е убав на тие реклами. Музиката е секогаш весела, сите се расположени. Да, во тие реклами луѓето имаат работа, а младите ги имаат сите заби. Следува реклама за банка. Уште повесела. Сите се среќни, радосни… Како да се на некој колективен трип. Човек би помислил дека рекламираат некаква најнова, подобрена формула на ЛСД, а не потрошувачки кредити кои ти ја дерат кожата и те вовлекуваат во должничко ропство.

Гледам во цртежот пред себе и она што го гледам, сé повеќе ме потсетува на она што ни се случува сега, а не пред 75 години. Таков е амбиентот. Човечињата сме ние, а пиштолите се отровите кои секојдневно ги блуеме еден на друг, во името на некакви ставови за кои воопшто не сме ни сигурни дали се наши. Како од борба против фашизмот, дојдовме до степен да го живееме? Свесни ли сме што правиме? Како да ги славиме оние кои се бореле против нешто на што ние широко му ги отворивме портите? Што славиме? Тоа што дозволивме да бидеме марионети за нечии интереси? Тоа што дозволивме да не поделат на наши и нивни, патриоти и предавници, подобни и неподобни, граѓани и човечиња…? Тоа што дозволивме водата која ја пиеме и воздухот кој го дишеме да ги доживуваме како награда, а не основно човеково право?

И на крајот, што, по ѓаволите, ги учиме нашите деца? Што, по ѓаволите, научивме ние? Ништо! Денес, ми се чини, одново преживувам некаква „модерна“ варијанта на 1941, во неверување, засилено од бес и гнев. Научивме да „јадеме ќотек“, затоа што ни стана полесно да го поднесеме тепањето, отколку да гледаме како некој друг, далеку посилен, малтретира некој послаб, а ние не можеме ништо да направиме… Оваа немоќ боли многу повеќе. Како да сме сите во затвор! Секако, можеме да бираме дали ќе го преспиеме денот, или ќе играме баскет, или ќе ги „пумпаме“ мускулите… Но, и понатаму сме опкружени со жица. И во такво опкружување создаваме свој микрокосмос. Менталитет од затворски двор. А морал на просечен затвореник, кој не е премногу загрижен за цената која ја плаќа за привидот на мир и спокој во својата ќелија.

Ништо не научивме! Затоа не ми зборувајте за слобода, за празници, за „децата се нашата иднина“… Не им оставивме ништо, освен понижување и срам. И купишта долгови кои ќе мора да ги враќаат не само нашите деца, туку и нашите внуци!

Print Friendly, PDF & Email