Деновиве бев во посета на Европскиот парламент во Стразбур, на покана на една италијанска партнерска организација која, исто така, работи со бегалците. Наши домаќини беа евро-парламентарци, групата на европските СД партии. Имавме презентација на нашата досегашна работа со бегалците и ги искажавме нашите мислења и препораки во однос на идната европска политика кон миграциите. Потоа, во самиот Европски парламент имавме отворање на изложба на фотографии од бегалците кои транзитираа низ Македонија и Србија, од познатите фотографи Роберт Атанасовски и Игор Чоко.
Посетата беше успешна, затоа што нашите зборови и слики ги слушнаа и видоа стотици евро-парламентарци. Освен што е убав град, со француско-германска архитектура, Стразбур е и доста скап, небаре е само за елитата на евро-парламентарците. Реакцијата на Игор беше на место: “Мајку вам вашу, 500 динара кафа! Па где то има?”
Да, нам, како држави, изгледа сè уште не ни е местото во европскиот клуб на богатите, зашто богатството се гледа кај граѓаните, а не кај оние со службени картички на товар на буџетот на граѓаните. Ете предизвик за новата Влада. Градот е полн со “мигранти” од северна и централна Африка, но тоа не му го намалува европскиот дух. Впрочем, највкусните сендвичи со пристојни цени ги јадевме во марокански сендвичари. Наш вкус за наш џеб. Потоа се вративме во Торино, каде се сретнавме со други, сродни организации, а бев поканет да учествувам и во дебата на тема миграции, со локални невладини и преставници на локалната власт. Ни остана време за прошетка, па решив да отидам со автобус до центарот на Торино.
Стојам покрај вратата, не зафаќајки место за седење. На секоја станица погледнувам да прочитам до кај сум, а во меѓувреме уживам во архитектурата на вистинскиот барок, испреплетен со современи архитектонски решенија. Се качува мајка со двегодишна ќерка. Автобусот тргна, а таа со детето во раце се движи. Никој не ѝ станува, па дури ни двете млади Јапонки. Не им го знам редот, туѓинец, но знам дека ова не е в ред. Само што сакав да им кажам на девојчињата да станат, еден средовечен црномурест човек стана.
Мигрант од Африка – би бил коментарот на многумина, а јас велам: нема култура без мигранти!
А во центарот, на Пјаца Кастело се наоѓа една црвена висока зграда што се истакнува од другите. Ја нарекуваат “прстот на Мусолини”. Ме потсети на една таква во Скопје, со многу сличен врв. Погодувате? Тоа ми беше потсетник дека е време да тргнам назад за Скопје, во градот каде само лошите искуства од Европа се пренесуваат, а прашање е дали ќе дочекаме некогаш да се видиме рамноправни со другите европски народи.
фото: Јасмин Реџепи