Categories

ДЕМЕТРОПОЛИЗАЦИЈА Нов културен бран

Министерството за култура денеска ја организираше првата информативна сесија за запознавање со целите и приоритетите на конкурсот за Манифестацијата „Нов културен бран“

На сесијата присуствува претставници на граѓански организации, заинтересирани да учествуваат со свои проекти на конкурсот, распишан на 31 јули. Првиот рок за поднесување на апликации е 14 август, а вториот конкурсен рок е до 16 август. Проектните активности на оние апликанти што ќе бидат избрани, започнуваат од почетокот на септември, и треба да завршат заклучно со крајот на октомври оваа година.

„Целта на овој конкурс не е да се создаваат нови културни производи, туку да се презентираат постојните културни производи. Целта е организирање на настани надвор од метрополата. Целта на конкурсот е деметрополизација, деконцентрација на културата, истата да се дисперзира во локалните средини, да се збогати, омасови, интензивира, динамизира и раздвижи културната понуда“, ги информираше Петрит Сарачини, специјален советник на министерот за култура, присутните претставници на граѓанските здруженија.

Сарачини, исто така, нагласи дека Министерството сака да поттикне независна културна сцена, односно, модерни и современи форми на уметност.

„Сакаме да ја охрабриме и алтернативната сцена, малите уметници да прикажат модерна и современа култура“, објасни Сарачини.

Конкурсот е отворен за сите уметници, односно се однесува и на музичко-сценски дејности, ликовната дејност, како и на литературата.

Целосниот иницијален буџет со кој располага Министерството за култура изнесува 10 милиони денари.

Во однос на критериумите, Министерството ќе се обиде да има проекти од секој регион, односно, да има рамномерна, етничка дисперзија и жанровска разновидност, а ќе се заложи и  националните установи да бидат отворени за сите потреби во рамки на проектите што ќе бидат одобрени. Сепак, посебен акцент  се става на локациите – фабрики, запуштени урбани места, локалитети – отворени простори, што не подразбираат платоа или плоштади.

На 9 август ќе исе одржи информативна онлајн сесија на официјалната Фејсбук страница на Министерството од 14 до 16 часот.

Третата информативна сесија ќе се одржи во просториите на Министерството на 11 август, со почеток во 14 часот.

Б. Јордановска

 

Print Friendly, PDF & Email