Categories

ИМЕНУВАЊЕ Нови членови на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата

По контроверзното поставување на младиот поет Дарко Лешоски за претседател на УО на СВП, која предизвика жестоки полемики на социјалните мрежи, што резултираше со негово повлекување од доделената функција, министерот Роберт Алаѓозовски донесе нова одлука.

Министерот за култура донесе одлука за именување на членови во Управниот одбор на Манифестацијата Струшки вечери на поезијата. Како членови на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата од редот на истакнати уметници и културни работници се именувани професорката д-р Елизабета Шелева , Лидија Димковска и Димитрие Дурацоски.

Професорката Шелева (1961) која е именувана за претседател на Управниот одбор, е редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Претседавач е на Здружението на независните писатели на Македонија и членка на македонскиот ПЕН центар.

Димитрие Дурацоски (1952), е писател и сликар од Струга. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, автор на повеќе книги и на два пати е добитник на Рациновото признание (во 2001 и 2015).

Лидија Димковска (1971), е македонска писателка која живее и работи во Љубљана, Словенија. Дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски студии по романска книжевност завршила на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Нејзините збирки поезија се препеани на англиски, германски, словенечки, романски и полски јазик, а песните ѝ се застапени во светската периодика на повеќе од дваесетина јазици. Добитник е на германската награда „Хуберт Бурда“, на романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“, и на годинешната Европската награда за поезија „Петру Крду“.

Print Friendly, PDF & Email