пишува: Сашо Орданоски
[dropcap font=”arial” fontsize=”45″]В[/dropcap]чера ги отслушав двете, помалку или повеќе здодевни прес-конференции, онаа на Заев, за 100 дена влада, и онаа на Груевски за истата тема. Случајот така сакаше, што никој од министерското окружување на премиерот Заев, и покрај тоа што неколкумина упорно си играа со мобилните в рака, не изгуби рамнотежа додека нивниот шеф ги набројуваше успесите на новата Влада; кај Груевски, пак, младиот Марко не издржа, се онесвести на сред говорот на својот партиски лидер, со што малку ја ничкоса пропагандистичката идеја на ВМРО-ДПМНЕ настапот на својот лидер да го „блендира“ со млади луѓе околу него кои би требало да ја симболизираат виталноста и светлата иднинат на нивниот партиски шеф („Јер где су млади, ту је и забава!“, Тито) и неговата визија за Македонија. Дали Марко вчера не беше јадел како што треба, па малку му се заврти; или не можеше веќе да го издржи говорничкото лицемерие на својот лидер Груевски, па реши да се онесвести – тоа, претпоставувам, нема никогаш да го дознаеме. Но, повеќе витамини не би му штетеле, секако. На Груевски. За да излезе од идејната анемија во којашто е западнат по изборите.
Оти, Груевски како уште да не сфаќа дека минатиот декември поголемиот дел од македонските гласачи, исправени пред дилемата дали да ја сменат владата или да ја сменат земјата во која живеат, се определија за првото. И уште еден малер истиот ден: додека Груевски и вчера блебеташе за епохалниот успех на неговата влада со странските инвеститори во Македонија, Виктор Мизо, долги години надлежен за таа операција во власта на Фамилијата, реши топло да си се удоми на платниот список токму кај еден таков странски инвеститор кој само пред година-две самиот го преговарал. Тука не станува збор за судир на интереси – се работи за морално-политичка сообраќајка со неколку тешко повредени, меѓу кои и велосипедистот Груевски: си врти тој така со педалите на својата прес-конференција, кога на него со шлепер налетува Мизо… Ужасна глетка. Скоро како онаа во партиското седиште по соопштувањето на веста дека ДУИ прави влада со СДСМ.
Според тоа, и во изминатите стотина денови од новата власт, позициите остануваат прилично непроменети: СДСМ инсистира на меритократија, штедење и спора, но правна држава; ВМРО-ДПМНЕ на национализам, патриотизам и барокна декаденција. Заев ги продлабочува политичките врски со Албанците (иако не неопходно и со албанските партии), ВМРО дополнително го продлабочува ровот што ги дели со Албанците. Заев ги исполнува социјалните предизборни ветувања, Груевски се обидува да ги блокира. Заев за 100 дена е срдечно пречекан на повеќе места во странство отколку што Груевски би знаел да ги наброи нивните главни градови. Итн.
Тоа се политичките траектории по кои се одвиваа и парламентарните избори, после кои Грујо си седна во опозиција. Па, зошто политичките последици за Груевски од локалните избори да бидат поинакви? Тој е најдобрата гаранција за СДСМ за добри локални изборни резултати.