Специјалното Јавно обвинителство денеска за ЦИВИЛ Медиа, кратко соопшти дека ќе бара продолжување на судењето против Горан Грујевски, обвинетиот ексначалник на Петтата управа во МВР, кој е во бегство, речиси 50 дена.
„Согласно со условите на самото судење, обвинителите ќе ги искористат сите законски можности за да може судењето да продолжи“, соопштија од СЈО.
Судијката, Лидија Петровска, во изјава за порталот sdk.mk, вчера соопшти дека Грујевски може да биде осуден и во отсуство, но, појасни и дека тоа зависи од обвинителот од СЈО.
„За да постапува судот во конкретен предмет, мора да има писмено известување дали обвинетиот е достапен на органите на прогон или не. Ако лицето не е достапно, согласно со член 365, став 3 од ЗКП, на обвинетиот може да му се суди во отсуство, само ако е во бегство или е недостапен на државните органи, а притоа, постојат особено важни причини за да му се суди во отсуство. Решение за да му се суди во отсуство, носи судот на предлог на овластениот тужител“, изјави судијката Петровска.
Судењето на Грујевски треба да продолжи на 26 септември. Грујевски е обвинет за незаконско палење на над 20.000 документи од Управата за безбедност и контраразузнавање, кои биле докази дека нелегално се прислушувале десетици политичари, функционери, новинари, граѓани, невладини активисти и бизнисмени. Судскиот процес се пролонгира веќе една година, а се води како брза и економична постапка, зашто се работи за обвинителен предлог за дело, за коешто е пропишана затворска казна од 5 години.
Грујевски е во бегство, откако Апелацискиот суд во Скопје му одреди притвор за други, потешки кривични дела, а МВР отиде да го спроведе во затворот Шутка.
Истата вечер, во својот дом не е затекнат ниту Никола Бошкоски, раководно лице од УБК, кој заедно со Грујевски доби мерка притвор, како главни обвинети, во предметите „Тврдина“ и „Таргет“.
М. Талеска