Categories

АВМУ Од полноќ почнува медиумскиот молк!

Денеска на полноќ завршува изборната кампања во првиот круг од Локалните избори 2017 година, по што започнува молкот, којшто трае до 19 часот во недела на 15 октомври. За време на изборниот молк се известува за изборите и текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, соопштуваат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк ќе се смета емитување на какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите; какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите; податоци со кои што го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Агенцијата ги потсетува радиодифузерите дека треба да ја прилагодат својата програма, веднаш со започнувањето на изборниот молк за да избегнат какво било прекршување на изборниот молк, зашто согласно со Изборниот законик, единствена мерка е покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

Print Friendly, PDF & Email